Помладите пионери ги завршија настапите во Купот на Р.Македонија, откако денес на Цементарница после изведување на удари од белата точка загуби од екипата на Кул. Во регуларните 90. минути натпреварот заврши со нерешени 1:1.
На полувреме нашите млади надежи имаа негатива од еден гол, откако противникот го отвори резултатот во 18.минута со гол од слободен удар, откако нашиот голман не реагираше баш најдобро. Ние во првиот дел најсериозната шанса да ја затресеме мрежата на Кул ја имавме преку Лука Атанасовски, кој после центар шут од прекин на Радески, со глава ја погоди стативата. Друга посериозна шанса во овој дел од полуфиналниот натпревар не видовме.
Вардар нападна во вториот дел, со цел да го израмни резултатот, тоа ни успеа во 62.минута, кога после центар шут од десната страна на Радески, во противничкиот шеснаесетник најприсебен беше Емир Шаботиќ кој од некаде седум метри успеа да го совлада противничкиот голман за израмнување на 1:1. Имавме поголем посед на топка , се обидувавме да стигнеме и до пресврт, но не успеавме. Обид имаше и Петар Давитов, но голманот на Кул беше на место. Во регуларниот дел натпреварот заврши со резултат 1:1.
На пенали, подобар беше тимот на Кул кој славеше со резултат 4:2. Противничкиот голман успеа да спречи два наши удари и да не елиминира од Купот. За нас во пенал серијата погодија Емир Шаботиќ и Антонијо Крстевски.