По една година неизвесност дали ќе може да продолжи со својата фудбалска професионална кариера, Горан Попов во „Аџибадем Систина“ го реши својот најголем проблем. Успешно е направена операција на неговото колено од страна на д-р Михајло Ивановски и хируршкиот тим. Значи, календарската година за Попов е завршена, сега следи фаза на рехабилитација на нашиот капитен.
Д-р Ивановски ми беше најголемата поддршка во текот на целиот процес. Јас цели 6 месеци се мачев со оваа повреда. По секој натпревар имав голем оток, не можев ниту да ја свиткам ногата и бев принуден да одморам по неколку дена само за да можам повторно да застанам на нозе. Презадоволен сум од д-р Ивановски и д-р Илиев, и од тоа колку успешно ми ја санираа повредата“, вели Горан Попов.
„Операцијата помина одлично и Горан уште следниот ден по интервенцијата веќе можеше да застане на нозе и да прави кратки прошетки. Тоа се должи на неговата одлична кондиција и мускулна маса, кои несомнено ќе го забрзаат целиот процес на заздравување за Горан да може да се врати на спортските активности за околу 6-8 недели. Потребна ќе биде физикална терапија и уште еден PRP-третман пред Горан да се врати на терените со полна пареа, но тоа е само прашање на време“ – вели д-р Михајло Ивановски.