Пионерите на ракометниот клуб Вардар стигнаа до втората последователна победа во рамките на групата 1 од пионерската лига. Избраниците на Зоран Петковски славеа на гостувањето кај екипата на Драчево, со резултат 16:19.
Уште од првата минута на натпреварот имавме предност, која не дозволивме да ја испуштиме во текот на целиот меч. Започнавме со серија од четири последователни голови, за првиот гол домашниот тим да го постигне во 6.минута од мечот за намалување на 1:4. Во најголем дел од првиот дел вардарци имаа водство кое се движеше од 3-4 голови разлика, а екипата на Драчево во еден момент ја преполови нашата предност кога намали на 6:8. Следеше нова серија за избраниците на Петковски кои постигнаа три последователни голови и стигнаа до највисоки пет гола позитива (6:11). Последниот гол во второто полувреме беше за екипата на Драчево, која по истекот на првите 20 минути намали на 7:11.
Во првите пет минути од второто полувреме, домашната екипа успеа повторно да намали на само два гола негатива (10:12), за во следните три минути да стигнат и до само еден гол разлика зад Вардар (12:13). Во следните осум минути гледавме игра гол за гол на двете страни, а Вардар постојано беше во предност, но не поголема од два гола. Во финишот подобро се снајдоа избраниците на Петковски кои направија мини серија од два гола и на крајот триумфираа со резултат 16:19.
Најефикасен кај Вардар беше Виктор Трифуноски кој постигна 7 голови, додека Христијан Петковски и Матеј Трајановски беа стрелци на по 3 голови. Никола Анакиевски додаде 2 гола, додека по 1 беа дело на Ѓорѓи Спасовски, Марио Стојановски, Иле Табаков и Андреј Петрушевски.