Лош ден за кадетите и младинците на Фк Вардар, кои претрпеа порази на гостувањата во населбата Железарница, во дуелите против екипата на Металург. По вчерашните победи на помладите и постари пионери, постоеше надеж и верба дека таа серија на добри резултати ќе ги продолжат и другите две генерации.
Кадетите доживеаа минимален пораз од своите врсници од Металург, со резултат 1:0. Натпреварот помина во израмнета игра на двете страни, со неколку шанси за отварање на резулатот уште по првиот дел. Најголемата прилика кај нас ја имаше капитенот Дејан Маркоски кој излезе сам пред противничкиот голман, но завршниот удар беше неприцизен. Можеби поинаков тек ќе добиеше овој меч, доколку погодевме од оваа чиста шанса и го отворевме први резултатот. Голот за конечниот победник на овој дуел, падна во второто полувреме. Црвено-црните успуштија голема шанса со триумф да останат во борба за првата позиција на табелата на крајот од есенскиот дел.
Младинците претрпеа неочекувана катастрофа на ова гостување. Металург оствари убедлив триумф од 5:1, кој сигурно е најголем пораз за оваа генерација на фудбалери која настапува заедно последниве неколку години. Битен момент за овој висок пораз е исклучувањето на бекот Филип Јошевски во 15 минута од мечот. До крајот нашите младинци играа со играч помалку и не беа во можност да сторат нешто повеќе. Иако имавме негатива од 1:0, сепак успеавме да го израмниме резулатот. Стрелец на единствениот погодок за нас беше повторно Виктор Димков. До крајот на првиот дел, домаќинот со предност од 2:1 замина на полувреме.
Во вториот дел, Металург максимално ја искористи бројчаната предност на теренот и без поголеми проблеми го “дотолчи“ нашиот состав. Конечниот резултат гласеше 5:1. Ова е веќе втор пораз за младинците на Вардар, после оној против Шкендија исто така на гостински терен. Ваквите мечеви можат да бидат решавачки за конечниот исход на табелата, на крајот од сезоната. Затоа брзо треба да се заборави овој неуспех и да се вратиме на победничкиот ритам, кој инаку ја краси оваа екипа.
Фк Вардар (младинци) Трајчевски, Ричков, Личина, Исмаил, Јошевски, Николовски, Димитровски, Апостоловски, Димков, Беќири, Даци