Помладите категории на фудбалскиот клуб Вардар ( петлиња) во текот на утрешниот ден ќе го имаат својот прв тренинг и ќе означат старт на подготовките за новата натпреварувачка сезона. Веќе се познати и тренерите кои ќе работат со сите генерации, кои ќе бидат дел од детската фудбалска лига во новата сезона, освен со најмладите генерации родени “2010„ и “2001„ година, чии тренери ќе бидат познати во текот на наредната недела.
Филип Спасески ја доби довербата да биде нов тренер на генерацијата родени “2006„ година, инаку се работи за син на актуелниот претседател на Вардар, Мирко Спасески. Со генерацијата “2007„ која беше шампион на Македонија во претходните три години, ќе работи Горан Петрески или попознат како “Чунга Лунга„, кој успеа минатата сезона да биде шампион со генерацијата на Вардар родени “2003„ година. Миле Крстев кој имаше долга играчка кариера како член на Победа и Металург, потоа во клубови од Холандија, како Гронинген, Вендам и Херевен е поставен за нов тренер на уште една шампионска генерација, тоа се момчињата родени “2008„ година. Зоран Петковски пак ќе ја предводи генерацијата родени “2009„ година.