Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > У-16 > Пом. пионери остануваат први, пионерите пропуштија шанса да бидат лидери, кадетите и младинците во борба за првата позиција
Пом. пионери остануваат први, пионерите пропуштија шанса да бидат лидери, кадетите и младинците во борба за првата позиција

Пом. пионери остануваат први, пионерите пропуштија шанса да бидат лидери, кадетите и младинците во борба за првата позиција

Во саботата се одигра првото пролетно коло во првенството на младинските фудбалски категории. Вардаровите генерации забележаа две победи, еден нерешен резултат и еден пораз. Противник на сите наши екипи беше Работнички.

-Помладите пионери го задржаа врвот и по првото пролетно коло, откако одиграа без победник во дербито со екипата на Работнички. Можеби најдинамичен натпревар од сите возрасни дуели на овие две екипи. Влогот за тоа кој ќе ги освои трите бода беше голем, двете екипи не смеаа да си дозволат да изгубат, посебно Работнички кој ќе ги загубеше сите шанси за титулата. Пред овој натпревар Вардарци имаа четири бода прдност на табелата пред Работнички и Шкендија, кои се нивни единствени конкуренти за освојување на титулата. Од тука и избраниците на Сашо Јанев тргнаа со претпазливост, иако притисокот и тремата беше присутна на двете страни. На крајот можеби нерешениот резултат беше најреален исход на овој меч, со головите постигнати од ударите од белата точка. Астарџиев можеше да биде јунак за црвено-црните доколку погодеше од скратениот пенал во последната минута. После ова коло, Шкендија ја намали бодовната негатива во однос на Вардар на два бода. Тимот од Тетово беше сигурен во првото пролетно коло, совладувајќи ги своите врсници од Македонија Ѓ.П (4:0). Во следното коло Вардар и Работнички се домаќини на Победа и Пелистер, додека Шкендија гоства на Ренова.

-Пионерите на Вардар беа единствените кои беа поразени, пропуштајќи голема шанса со триумф да се најдат на првото место на табелата. Избраниците на Сашо Тодоровски иако на два пати имаа водство, на крајот останаа со празни раце. Несфатлив пад во нашата игра во последните 15 минути од натпреварот, кои му дозволија на противникот да го освои целиот плен. Пред овој меч Вардар беше фаворит, ако се знае дека противникот во оваа категорија беше најслаб од сите екипи на Работнички кои се натпреваруваат во младинските лиги. Црвено-црните не успеаа да го искористат “киксот“ на Шкупи, кој одигра 0:0 во Струмица со Академија Пандев. Највеќе “профитираше“ Шкендија која со триумфот над Македонија Ѓ.П изби на табелата пред Вардар и со само еден бод помалку од првопласираниот Шкупи. Сепак ништо не е загубено за нашите надежи, кои во следното коло ја пречекуваат екипата на Победа. Шкендија е гостин на Ренова, додека Шкупи го пречекува Металург.

-Кадетите беа први кои не израдуваа на победа во дуелите со Работнички. Пред ова коло противникот беше подобропласиран на табелата од составот на Влатко Колев. Оваа генерација покажа голем карактер и квалитет и успеа да освои многу важни три бода, кои можат да бидат од големо значење во продолжение од сезоната. Металург ја задржува првата позиција со пет бода повеќе од црвено-црните, кои го потиснаа Работнички и сега се наожаат на треттото место на табелата, со само еден бод помалку од Тетовска Шкендија. Александар Трајчевски со прекрасен гол донесе голема радост на теренот во Марино за нови три бода, кои ни даваат шанса да продолжиме да се бориме за титулата.

Младинското дерби помеѓу овие две екипи му припадна на Вардар, кој беше подобра екипа во текот на целиот натпревар. Головите на Додевски и Тасески ни донесоа три бода, со кој ја продолжуваме битката за титулата со екипата на Шкендија. Поразот за Работнички значи и крај на сите надежи дека можат да се вмешат во борбата за врвот, откако веќе има 5 бода помалку од Вардар и дури 7 од Шкендија. Академија Пандев не го одигра својот натпревар, поради настап на турнир во Милано. Шкеднија тешко и минимално ја совлада Македонија Ѓ.П и остана лидер во лигата. Во второто пролетно коло, црвено-црните гостуваат на последнопласираната Победа од Прилеп, додека Шкендија е домаќин на Ренова.