Денес во конференциската сала на спортскиот центар Јане Сандански беше одржана прес-конференција, по повод почетокот на пролетниот дел од фудбалската “Вардар Јуниор“ лига. Пред медиумите беа презентирани сите активности и планови во врска со најновиот проект на фудбалскиот клуб Вардар. Честа прв да се обрати ја имаше директорот, господинот Самоил Симев.
-Вардар Јуниор лигата е проект кој оствари забележителни резултати во изминатиот период и предизвика голем интерес, особено во внатрешноста на државата за каде што и беше наменет. ФК Вардар создава иднина и наша задача како менаџерски тим е овој проект да се реализира во целост. Ќе ја продлабочиме соработката со единиците на сите полиња, бидејќи поддршката кон нив е клучна за успехот на овој проект. Тренерскиот и скаутинг тимот на Вардар видоа голем играчки потенцијал и перспектива во тие дечиња. Досега 15 деца веќе се префрлија во ФК Вардар. Со цел да дојдеме до нови таленти решивме едукацијата на тие дечиња да ја прошириме и ќе имплементираме нови методи во работата. Ќе работиме на едукација на тренерите во единиците, но истовремено и дечињата ќе имаат дополнителна воспитно-образовна, културна и етичка настава. Иднината на овој проект за нас е многу важна и од овие школи ќе излезат нови првотимци на Вардар и идни репрезентативци. Концептот на менаџирање јасно наложува фокусот да се стави на работата со младите категории. Вардар својата иднина ќе ја темели на играчи од сопствениот погон, кои во иднина ќе имаат чест да работат во новиот објект на Фудбалската академија во Градскиот парк, кој набрзо ќе биде отворен- рече директорот Симев.
Заменикот директорот, Кирил Кироски изјави дека на крајот ќе биде организиран летен камп, на кој ќе бидат одиграни финалните мечеви во сите возрасни категории и ќе бидат доделувани награди за најдобрите поединци.
-Претстојниов викенд, стартува вториот дел од сезоната на Вардар Јуниор лигата. Нашиот клуб ја прошири лигата со неколку нови единици, па на досегашните шест, се придружија и екипи од Прилеп, Пробиштип, Велес и Скопје. Во рамките на премиерниот пролетен турнир во Скопје ќе биде организирана работилница, на која што ќе присуствуваат координаторите и тренерите од младинската школа на ФК Вардар, како и тренерите на регионалните единици. Примарната цел е да се создаде единствена програма според која ќе се одвива тренажниот процес. За време на работилници, предавања ќе одржат и стручни лица од медицинскиот центар ’Кинетикус’, како и кондицискиот тренер на првиот тим на Вардар, Михајло Костиќ. Новост е и тоа што претстојнава пролет, во рамките на Вардар Јуниор Лига ќе се воведат легитимации за сите деца кои тренираат во регионалните единици, како и воведувањето на официјален записник за натпреварите кои ќе се одиграат. Исто така, со имплементација ќе започне и проектот „Фудбалски пасош“, за секое дете. На крајот, во месец јуни ќе биде организиран и летен камп, во рамките на кој ќе биде одржан и завршниот турнир, со учество на сите регионални единици. На овој камп ќе се одиграат финалните натпревари и ќе бидат прогласени конечните победници, во секоја од возрасните категории. Исто така, предвидено е да бидат доделени и индивидуални награди за најдобриот стрелец, играч, голман, признание за фер-плеј и слично, рече Кироски.
Павел Неделковски кој е координатор на Јуниор лигата пред медиумите го потенцираше системот на натпреварување во пролетниот дел од лигата. Исто така искажа задоволство од приклучувањето на нови екипи во овој дел од сезоната.
-Вардар Јуниор лигата оваа пролет ќе биде поделена во две групи, на источен и западен дел. Во источниот дел ќе се натпреваруваат екипите од градовите Виница, Штип, Велес и Пробиштип. Покрај младите генерации на ФК Вардар и останатите единици од градот Скопје, во западниот дел ќе бидат и екипите од Охрид, Куманово и Прилеп. Во пролетната полусезона, ќе се натпреваруваат генерациите на момчиња родени од 2003 до 2006 година. Секое коло ќе се игра во различни градови и во план е да се одиграат над 80 натпревари, на кои ќе настапат повеќе од 400 деца. Многу ни е драго тоа што пролетва ни се приклучуваат и екипите на Нови Лисици од Скопје, Борец Јуниор од Велес, Рудар јуниор од Пробиштип и ФК Прилеп. Од овие градови традиционално произлегувале голем број на докажани фудбалски имиња и се надеваме дека со нивното учество ќе откриеме нови млади таленти нагласи Неделковски.
На крјот на прес-конференцијата се обрати и Александар Васоски, кој го потенцираше големото значење на лигата за Вардар и Македонскиот фудбал.
-Стручниот штаб на ФК Вардар изразува задоволство од почетокот на пролетниот дел во Вардар Јуниор лигата, каде што дечињата на сите регионални единици имаат одлични услови за работа. Згора на тоа преку организираниот турнирски систем на натпреварување ќе имаат прилика уште повеќе фудбалски да се надградуваат. Од овие млади категории, во иднина очекуваме да бидат главен извор на стандардни вардарови првотимци и идни македонски репрезентативци. Преку реализирањето на овој проект, уште еднаш се покажува дека ФК Вардар го следи трендот на големите европски клубови, во поглед на работата со своите млади категории, изјави Васоски.
Пролетниот дел стартува во недела со почеток од 10:30 часот на теренот во населбата Јане Сандански. Покрај Вардаровите екипи, во пролетниот дел ќе се натпреавруваат и следниве екипи.
- ФК Рудар Јуниор – Вардар, Пробиштип
- ФК Борец Јуниор – Вардар, Велес
- ФК Прилеп – Вардар, Прилеп
- ФК Мал Ајакс – Вардар, Штип
- ФК Еврофудбал – Вардар, Охрид
- ФК Еуроспорт – Вардар, Куманово
- ФК Слога 1934 – Вардар, Виница
- ФК Спортефе – Вардар, Скопје
- ФК Форца – Вардар, Скопје
- ФК Нови Лисици – Вардар, Скопје