Одлични вести ни пристигнаа од турнирот во Сандански (Бугарија). Изминативе четири дена две генерации на фудбалскиот клуб Вардар беа дел од силен меѓународен турнир, а една од нив успеаа да го освои овој турнир во својата конкуренција. Фк Вардар генерација родени “2004“ ја освои Бугарија, откако денес успеаа да направи голем подвиг и да ги победи двете најдобри фудбалски екипи и младински школи во Бугарија.
Најпрво избранииците на Филип Арсовски им одржаа лекција по модерен фудбал на своите врсници од Левски (Софија). На овој натпревар противникот не само што беше надигран и поразен, туку и не успеаа да го пронајде патот кон нашиот гол. Со хет-трикот на најдобриот наш стрелец Георг Стојановски, црвено-црните им закажаа финале на должникот од групата, екипата на ЦСКА од Софија.
Како што доликува на едно големо финале од меѓународен турнир двете екипи влегоа многу претпазливо на овој меч, бидејќи влогот беше голем. Само еден погодок го одлучи конечниот победник на турнирот во Сандански. Моментот на одлука се случи во второто полувреме, кога Георг Стојановски ја затресе мрежата на противникот и го постави конечниот резултат од 1:0 во големото финале. Така на најдобар можен начин, нашите надежи се одмаздија за поразот од истиов противник во групната фаза, кој беше и наш единствен на овој турнир. Забележавме вкупно пет победи и сосема заслужено на крајот го освоивме првото место.
Најдобрите поединци во генерација “2004“ од редовите на фудбалскиот клуб Вардар, за најдобар стрелец Георг Стојановски и најдобар голман е Стефан Тасев. Честитки и од нашата редакција за овој голем успех за младите Вардарци, кои покажаа како се игра од срце за Вардар.