Утре своите реванш натпревари во рамките на 1/4 од националниот куп ќе ги одиграат пом. пионери и пионери на Фк Вардар.
Помладите пионери ќе имаат тешка, но не и невозможна мисија на гостувањето во Тетово против своите врсници од Шкендија. На првиот дуел одигран на локомотива, екипата од Тетово славеше изненадувачки со 2:0 и со значајна предност ќе го дочека реваншот на својот терен. Ова ќе биде дуел и на најдобрите екипи во првенството. Вардарци играат одлично во лигата, каде се наоѓаат на првото место со вкупно 28 освоени бодови. На второто место е токму утрешниот противник, Шкендија која има 24 бодови. Во првенството веќе ги одмеривме силите, дуел во кој славевме со убедливи 4:0. Очекуваме ова издание да се повтори и на утрешниот натпревар, кој почнува од 10 часот. Во нашиот состав се враќа капитенот Кристијан Чурлинов, кој го пропушти последниот првенствен меч поради повреда. Се надеваме на добра игра и голем подвиг на црвено-црните на овој тежок меч. Доколку први го отвориме резултатот, до крајот се ќе биде отворено.
Пионерите пак не би требало да имаат поголеми проблеми, околу пласманот во најдобрите четири екипи во ова натпреварување. На првиот меч одигран во Скопје, забележаа убедлив триумф од 3:0 пртив Победа. Утрешното гостување би требало да биде само формалност и потврдување на пласманот во 1/2. Натпреварот ќе започне во 10 часот. Во првенството овие две екипи одиграа меч, на кој црвено-црните беа поуспешни. Квалитетот е несомнено на наша страна, тоа треба уште еднаш да го покажеме на утрешниот дуел.