Екипата на фудбалскиот клуб Вардар (1) од генерација родени “2005“ година го заврши есенскиот дел од сезоната со максимален број на освоени бодови во детската лига. Нивниот добар учинок во изминатата полусезона добива на тежина, ако се знае дека овој состав прими само четири погодоци, што е одлично остварување. Голема заслуга за добрата одбрана на екипата ја има сигурно незаменливиот “командант“ во одбраната, Давор Серафимов за кој ова е прва сезона во црвено-црниот дрес. Вистински предводник на својот тим кој дава голема сигурност во играта на оваа Вардарова генерација која ја предводи Игор Кралевски. Од него започнува речиси секоја акција, а неговото приуство на теренот е вистински “бедем“ и “зид“ за противничките играчи. Често е задолжен да ги изведува и ударите на белата точка, па покрај тоа што е неприкосновен во дефанзивната линија, знае да ги погодува и противничките мрежи. Зад неговото име во есенскиот дел има запишано 6 погодоци. Во наредното интервју ве запознаваме со Давор Серафимов, момче кое прераснува во голем потенцијал.
1. Од каде потекна желбата да започнете да играте фудбал ?
-Желбата за фудбал ја имам уште од најмали години односно од градинка. Во суштина секој спорт ме интересира, но покрај родителите кои ми се поддршка, чичко ми беше тој кој ме однесе за прв пат на еден фудбалски тренинг.
2. Кој беше вашиот прв клуб и тренер, каде имавте можност да работите ?
-Прв тренер ми беше Дејан Цветковски – Мали, но сепак поради краткиот период како прв тренер во мојот прв клуб Металург ќе го одвојам тренерот Коста Натев – Бимбо. Тој ми ги даде основите на современиот фудбал.
3. Како Давор ја гледа фудбалската игра и дали има посебна визија за успех ?
-Фудбалот го гледам како мој иден професионален ангажман. Упорно тренирам и се надевам дека ќе постигнам солиден успех во иднина.
4. Како се случи да преминете од Металург во Вардар и дали беше лесно да се смени клупската средина ?
-Во Вардар започнав со тренинзи од Мај 2016, но официјално сум член на најдобриот спортски колектив од Август 2016 година. По препорака на дел стручниот штаб на Вардар, почнав прво под водство на тренерот Зоран Петковски за да сега сум во една од најуспешните генерации на ФК Вардар под водство на тренерот Игор Кралевски. После неколку годишно тренирањеи настапување за Металург, одлуката не беше лесна, но сепак предизвикот да се тренира и натпреварува за боите на црвено црниот дрес беа пресудни.
5. Во есенскиот дел со Вардаровата генерација “2005“ станавте есенски шампиони со максимален број на овоени бодови во детската лига. Како ја видовте изминатата полусезона и колку сте задоволни од постигнатите резултати ?
-Со еден збор супер. Комплетно сум задоволен, а особено сум задоволен и од мојата игра и играта на моите соиграчи во одбраната, што може да се види и од минималниот број на примени голови во сезоната, а секако и од големиот број на постигнати голови на нашиот убиствен напад. Во целост под водство на тренерот Кралевски сега за сега се функционира одлично, а сигурен сум дека така ќе биде и во преостанатиот дел од првенството.
6. Имате можност да работите со тренер како Игор Кралевски, кој има богато играчко искуство. Како е да се работи со него и дали под негово водство напредувавте како играч.
-Веќе во неколку наврати го споменав тренерот Кралевски. Има одличен пристап, психолошки одлично влијае врз нас децата,а своето искуство максимално го пренесува на нас, а позитивните резултати за секој од нас изразито се видливи во досегашниотдел од првенството. Особено ме инспирира, бидејќи и тој во својата играчка кариера играл на иста позиција како и јас сега.
7. Дали може да ни направите споредба на условите за работа во периодот кога игравте за Металург и сега кога сте во Вардар ?
Условите се неспоредливи. Секоја чест и за Металург, особено за младинските школи, но овие услови што ги нуди Академијата се на највисоко ниво, и истите овозможуваат напредок во секоја младинска категорија. Особено ме радува што тренинзите можеме да ги одржуваме под рефлектори, што особено за летниот период е од големо значење. Во академијата многу се води сметка и за бројот на одиграно официјални и неофицијални натпревари, што сметам дека е најдобар показател за тоа до каде сме стигнале и што уште треба да корегираме за да напредуваме повеќе.
8. Дали сте имале желба да играте во Вардар и кој е вашиот синоним за овој клуб ?
-Отсекогаш сум сакал да играм за голем клуб. Во македонија тоа е Вардар и Вардар претставува поим за фудбалски клуб во Македонија. Се надевам дека еден ден ќе настапувам и за првиот состав на Вардар и тоа во групната фаза од Лигата на Шампионите.
9. Покрај настапите во детската лига се натпреварувате и во “Јуниор“ лигата. Какво е вашето мислење за овој проект на Вардар ?
-Натпреварите во Јуниор лигата претставуваат дополнителен предизвик за нас и можност за нови докажувања. Преку Јуниор лигата се очекува да се зголеми конкурецијата и да се подобри квалитетот на фудбалот во Македонија.
10. Какви се очекувањата за пролетниот дел од сезоната во детската лига. Дали вашата генерација може да биде шампион ?
-Иако прилично доминантно поминавме во првиот дел од првенството, сметам дека не очекуваат уште сериозни предизвици и натпревари, особено во завршната фаза од натпреварувањето. Во другите региони исто така постојат доста квалитетни екипи, но со продолжување на сегашното ниво на тренинзи и почитувајќи ги насоките на тренерот Кралевски, се надевам дека ќе го освоиме првенството.
Звонко Ивановски