Директорот на ФК Вардар, Самоил Симев, во ексклузивно интервју за Gol.mk говори за сите неправди кои му се нанесоа на нашиот тим во текот на оваа сезона, посебно се мисли на оние два дуели против Шкендија во Скопје и оној во неделата во Тетово.
„По преспиена ноќ и по многу разговори како со управата, така и со нашите пријатели и поддржувачи на Вардар, може да зборуваме со трезна глава. Се уште не може да пронајдеме логично објаснување, како може да се направи таков судиски превид. Сите го донесоа истиот заклучок, односно дека судијата е виновен за она што се случи на мечот. Единствена обврска на тој судија беше да стои зад тој гол и да биде концентриран на движењето на топката. Спорната одлука зависеше на конечниот исход на тековниот натпревар, а во овој случај може да влијае и на конечниот исход на првенството“, започна Симев.
„Несфатливо е, ние сто пати ја прегледавме снимката од голот на Најдовски и на неа јасно се гледа дека топката влегува зад линијата повеќе од половина метар. Од аголот кадешто е поставен тој помошен судија, можеби истата е и еден метар во голот, не можеме ние точно да утврдиме од приложената снимка. Но, јасно се гледа дека е чист гол. Оштетени бевме и на претходното дерби. Тогаш во Маџари кога одлучуваа милиметри, судијата зад голот не реагираше, туку се јави линискиот, иако тој беше многу далеку од целата ситуација и немаше јасна прегледност“, додава директорот на Вардар.
„Како може да си направиш логичка споредба и да добиеш логичко објаснување дека двете одлуки се праведни и дека на Вардар не му е нанесена никаква штета во конечниот резултат? Поради одредена одлука, губиме во двата меча. Губиме и бод(ови), меѓутоа во директен дуел со конкурентот, бодовите за нас имаат двојно значење. Како тогаш може Вардар да биде шампион, кога се носат лоши одлуки и се прават судиски грешки во дуели со ривалот?“, се прашува Симев.
„Сите сме лути од оваа одлука, не се зборува тука дали постои револт кај директорот, или кај сопственикот, или кај фудбалерите и стручниот штаб. Не може судија чија единствена работа е да гледа на гол-линијата, да ја крои нашата судбина. Тој (Дарко Стојчевски н.з) си дозволи да не види чист гол. Си го поставивме и прашањето зошто се вложуваат милионски суми, зошто се работи, зошто се тренира? Да можеше само да ги видат лицата на фудбалерите во соблекувалната и нивната горчина и тага на полувреме, тогаш ќе им беше јасно каква грешка направија. Да беше ударот од десетина метри, можеби Стојчевски немаше да може да го види затоа што бил силен, но вака, од четириесетина метри, додека топката патува пет секунди, се има доста време да се намести и да се процени целата ситуација. Да бидеш двапати оштетен на ист начин во една сезона, навистина боли“, дециден е функционерот.
„Кога зборуваме за судиски одлуки, не го ставаме во овој кош само Вардар, туку и другите клубови. Изминатото коло и други два клуба беа незадоволни од одредени судиски одлуки. Ние не сакаме да мислиме дека свесно му се нанесуваат вакви штети на Вардар. Сакаме да го свртиме вниманието на јавноста, тука не се работи дека Вардар е оштетен, утре може да биде и друг клуб во истата ситуација. Може да е на меч за испаѓање, за титула, или за борба во Европа. Кој ќе одговара за овие грешки? Бараме виновникот да биде санкциониран. Се надевам дека ваква болна грешка нема да почувствува ниту еден друг клуб во иднина“, вели Симев.
„Во ниту еден момент не размислувавме на тоа, затоа што со таква одлука, ќе му нанесевме штета само на нашиот клуб. Таква голема неправда не можеш да исправиш со останување во соблекувална, доколку се решевме на таков потег, ќе си нанесевме само штета. Има правилници кои ги диктира Фудбалската федерација на Македонија и не сакавме тимот да сноси последици поради индивидуални грешки. Вакви работи не ни се случиле само нам, се случувале и на големи натпревари, на пример на СП 2010 на дуелот Англија и Германија, кога падна чист гол, а судијата не го призна. Но, пак ќе повторам, боли што токму Вардар ја искуси оваа голема неправда“, заврши Симев.