Вардар е нашиот најтрофеен фудбалски колектив, тој е формиран далечната 1947 година, а својот прв трофеј во својата историја го освојува две години подоцна во 1949 година. Вардар таа година во која денешните конкуренти од првата фудбалска лига воопшто не постоеле или играле во многу ниски лига се круниса за младински шампион на тогашната Ф.Н.Р. Југославија.
Во воведните две години од постоењето на тогашната лига сојузните натпревари во младинската лига се играа во Сараево и Љубљана. Во 1949 година во главниот град на тогашната социјалистичка република Македонија, Скопје црвено-црните користејќи го својот домашен терен се крунисаа за апсолутни шампиони предводени од тогаш актуелниот фудбалер Јане Јаневски. Вардаровите младинци стигнаа до пехарот пред преполниот Градски стадион и со поддршка според хроничарите од над десетина илјади навивачи. Тие ги победија : сплитски Хајдук со 2-1, Раднички Белград со 1-0 и Рудар Трбовле со резултат 2-1. Според запишаните впечатоци од овој настан гледачите биле импресионирани од легендарниот Тоде Георгиевски кој воодушевувал на голот, од креативноста на капитенот Миле Миланов, брзината и снаодливоста на Хари Миновски.
Вардар стигнал до младинската титула во состав : Георгиевски, Арсовски, Димовски, Дацевски, Христовски, Давидовски, Атанасовски, Стевчевски, Ивановски, Миланов и Миновски. За напомена е дека голем дел од нив беа и дел од генерацијата која го освои првиот сениорски трофеј подоцна во Купот на Југославија во 1961 година во финалето кое се играло во Белград.