Оваа недела почна фудбалската “Јуниор лига“, таа го имаше својот прв пролетен турнир на теренот во населбата “Јане Сандански“. ФК Ново Лисиче е една од регионалните школи кој пристапија на оваа вардарова лига за првпат. Ние како сајт кој во чекор ги следи сите случувања во црвено-црното семејство ви носиме изјава со тренерот на оваа екипа Сашо Соколовски, чии избраници тргнаа со победа на првиот турнир.
-Колку години постои ФК Ново Лисиче и колку вие лично се занимавате со фудбалот?
Клубот и младинската школа постојат веќе четврта година. Се натпреваруваше во регионалната четврта лига. Кај нас има дечиња кои тренираат од 5-18 годишна возраст, значи имаме пионерски екипи, кадети и младинци. После четири години работа можам да кажам дека децава се на едно солидно ниво. Што се однесува до мене работев четири години во ФК Горно Лисиче, исто толку време сум тука колку што постои младинската школа. Дипломиран професор по фискултура и постдипломски студии во Софија како тренер.
Како се случи да се вклучите во “Вардар Јуниор“ лигата и ваше мислење за најновиот проект на ФК Вардар?
Најпрво да го поздравам овој проект на фудбалскиот клуб Вардар. Јуниор лигата е од голема важност за сите дечиња, затоа што многу е битно да бидат што повеќе мотивирани. Таа нивна мотивација и желба да се натпреваруваат на едно повисоко ниво, каде ќе се играат натпревари не само на ниво на Скопје туку и на целата територија на Р. Македонија, беше мотив повеќе за нас како тренери и на управата на клуб да започнеме соработка со ФК Вардар и да ги пријавиме децата да играат во оваа лига. Вардар излезе во пресрет и еве сега сме тука да се натпреваруваме и заеднички да се дружиме.
Колкаво значење може да има Јуниор лигата за вашиот клуб и воопшто за Македонскиот фудбал?
Рано е да се зборува за тоа, ова сепак се млади категории, но морам да напоменам дека талентот е неизбежен, кај поедини играчи колку што можев да забележам на првиот пролетен турнир. На нас како клуб може да ни донесе само бенефит, бидејќи едно е да се натпреваруваш како Ново Лисиче, а друго е да се натпреваруваш под “капата“ на клуб како што е Вардар, каде децата сигурно имаат повеќе можности за докажување и напредок.
Кои се очекувања на Ново Лисиче во пролетниот дел од лигата, со оглед дека сте нови кои се приклучуваат во овој дел од сезоната?
Бидејќи сме нови во “Вардар Јуниор“ лигата сеуште не ги познаваме противниците. Меѓутоа според прикажаната игра се работи за добри екипи и школи. Мислам дека квалитетот е на солидно ниво. Ние како екипа и генерација секогаш ќе одиме на победи. Тоа е всушност е најголем и главен мотив за децата во пресрет на натпреварите, изјави Сашо Соколовски за нашиот сајт.
Звонко Ивановски