На официјалниот сајт на нашиот клуб Вардар излезе соопштение до гледачите кои ќе присуствуваат на мечот од второто предквалификациско коло во Лигата на шампионите помеѓу црвено-црниот фудбалски колектив и екипата на хрватскиот шампион Динамо Загреб. За мечот на Вардар со “модрите“ од Загреб клубот повикува на фер и корекно навивање од страна на сите кои ќе земат учество во овој голем меч како гледачи. Во продолжение ви го носиме целосното соопштени на Вардар, во истото се вели :
Нашиот првак ФК Вардар, на 12 јули ни подарува можност да се радуваме на неговата нова победа. На Арената Филип Втори, со почеток во 20:45 го пречекува Динамо Загреб. Постарите генерации ќе се потсетат на триумфот на македонскиот шампион над хрватскиот првак пред 30 години, а помладите ќе бидат сведоци на уште еден предизвик за победа на Вардар.
На нашите играчи ќе им биде потребна голема помош од трибините, во обид да стекнат предност пред реванш натпреварот во Загреб, закажан за 20 јули. Ве повикуваме да дојдете на Филип Втори и заедно да уживаме во настапот на Вардаровите првотимци. Билетите се пуштени во продажба по цена од 100 денари до 6 јули преку продажната мрежа на Тикетплус како и онлајн на ticketplus.mk.
ФК Вардар ги повикува своите верни навивачи како и до сега, да им бидат поддршка на играчите во црвено-црни дресови во текот на целиот натпревар. Воедно, апелираме на воздржаност од неспортско навивање, користење пиротехнички средства, неспортски транспаренти, секакво насилство и уфрлување предмети на терен. Единствено со фер, спортско и коректно навивање покажуваме почит кон нашиот тим и уживање во неговите настапи.