Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > У-16 > Пелистер прв пролетен предизвик за младинските генерации на ФК Вардар
Пелистер прв пролетен предизвик за младинските генерации на ФК Вардар

Пелистер прв пролетен предизвик за младинските генерации на ФК Вардар

Претстојниов викенд стартува пролетниот дел од сезоната во првенството на младинските фудбалски категории или вториот круг на натпреварување. Противник на нашите генерации ќе биде екипата на Пелистер. Пионерските екипи во сабота на теренот на Академијата се домаќини на Пелистер во термините од 11 и 13 часот , додека кадетите и младинците во недела, во истите саатници ќе гостуваат во Битола.

Помладите пионери како лидери го започнуваат пролетниот дел од сезоната со голема бодовна разлика пред конкурентите за титулата. Избраниците на Сашо Тодоровски имаа и одлични подготовки, на кои забележаа победи на сите контролни натпревари и во добра форма ќе го дочекаат дербито со Пелистер. На првиот дуел одигран во Битола, оваа генерација на Вардар триумфираше со резултат 1:2, со головите на Мирков и Крстевски. Ќе нема  промени во составот, кој го одигра есенскиот дел од сезоната и постигна голем успех.

Пионерите во пролетниот дел ќе ги предводи Петар Ѓорѓиевски, кој ќе има за задача да го подобри пласманот на оваа генерација во лигата, до крајот на натпреварувачката сезона. Вардар ќе стартува од шестото место со 21 освоен бод, или девет помалку од лидерот, тоа е екипата на Шкендија. Добро помина подготвителниот период и за оваа вардарова генерација која бележеше позитивни резултати под водство на новиот тренер. Беа донесени и неколку засилувања, како Зендели, Курти и Рушити. Повратник во екипата е стоперот, Дамјан Бојковски, кој во првиот дел од сезоната настапуваше за Академија Пандев и заедно со Манасиевски треба да го сочинуваат стоперскиот тандем на екипата. На првиот дуел помеѓу овие две екипи, во рамките на шесттото коло, мечот во Битола заврши без победник (2:2). Тогаш стрелци на погодоците за Вардар беа Илиевски и Андоновски.

После елиминацијата од купот, кадетите предводени од Влатко Колев сите сили до крајот на сезоната ќе ги насочат на натпреварите од лигата, каде ќе се обидат да стигнат до шампионската титула. Вардар има само четири бода помалку оод тимот на Шкендија и се наоѓа на второто место на табелата. Најголемо засилување за екипата во пролетниот дел ќе биде Божидар Митревски, кој дојде од екипата на Работнички, а веќе дебитираше и за првиот тим на Вардар, на дуел од ПМФЛ против екипата на Силекс, кога влезе во игра во второто полувреме. Се работи за одличен играч, кој воедно е и капитен на Македонската репрезентација до 17 години. Тука се уште и Ибиши, Димоски и Благојевиќ, од кои ќе се вртат многу работи околу постигнатите резултати на оваа генерација во пролетниот дел од сезоната. Убедливо со резултат од 9:1 во корист на Вардар, заврши првиот меѓусебен меч со пелистерци оваа сезона на домашен терен.

Младинците ќе имаат тешка задача да се вмешаат во борбата за трофејот во лигата, со оглед дека имаат големо заостанување зад тимот на Шкендија од Тетово од девет бодови. И тие имаат нов предводник, во името на Бобан Бабунски, кој ќе се обиде да ја врати екипата во колосек, после лошите резултати во есенскиот дел, каде младинците се елиминирани и од националниот куп. Останува да видиме како ќе изгледа составот на Вардар на неделното гостување во Битола, со оглед дека голем дел од играчите претстојниов период имаа настапи и за првиот тим на Вардар, па ќе видиме кои играчи ќе му бидат на располагање на тренерот Бабунски, за дербито со Пелистер. Во овој дел од сезоната нема да можеме да сметаме на услугите на Александар Трајчевски, кој е позајмен на екипата на Локомотива. Доколку сакаме да биде поинтересна сезоната, ќе мораме да се вратиме со три бодови од гостувањето во Битола.