Стартни три бода за пионерите на ФК Вардар на почетокот на новата сезона. Избраниците на Сашо Тодоровски ја оправдаа фаворитската улога на гостувањето во Струмица и со четири “експресни“ погодоци стигнаа до првата победа. Академија Пандев прва го отвори резултатот и поведе со 1:0, но следеше голем резултатски пресврт на црвено-црните. Со погодоците на Стојановски, Бериша, Дардлиша и Битиќи ја започнавме одбраната на титулата. Новото засилување на Вардар, Филип Стојановски за нашиот сајт ги сподели впечатоците од натпреварот во Струмица.
-Иако лошо го започнавме натпреварот, по првите 20 минути се консолидиравме и почнавме да играме подобро. До крајот на полувремето играта беше на средината од теренот без некоја посериозна шанса. Резултатот на полувремето беше 0:0, но со советите на нашиот тренер во соблекувалната бевме решени да го добиеме противникот. Веднаш на стартот од второто полувреме гол за Академија Пандев. Тоа не влеа никаков страв во екипата, напротив ни даде мотив и со четири брзи гола го решивме противникот. Тоа го докажува карактерот на оваа екипа. До крајот на натпреварот примивме уште еден гол за наша победа од 2-4. Искрено очекував дека ќе ги добиеме полесно, но сепак првиот натпревар на почеток на сезона е најтежок и среќен сум што испадна во наша корист. Честитки и за Академија Пандев која пружи силен отпор.
Стојановски летово ги засили пионерите на Вардар, кој настапува и за Македонската репрезентација до 17 години.
-Во оваа екипа сум нов играч, дојдов ова лето од екипата на Еуромилк. Првите чекори во фудбалот ги направив во школата на Гони Мерко додека лани тренирав во фудбалската академија на ФФМ под водство на Драган Бочески и Гоце Толески. Иако со повеќето играчи се познавам од порано, во тимот одлично се вклопив и одлично сум прифатен од моите соиграчи. Оваа сезона очекувам со добра игра да ги одбраниме двете титули и да ја докажеме фаворитската улога, изјави Филип Стојановски за нашиот сајт.
Звонко Ивановски