Помладите пионери на ФК Вардар беа најпријатното изненадување за сезоната која помина, во повозрасните младински категории на клубот. Тие беа единствената генерација која успеа да стане шампион на Македонија и единствената екипа која донесе трофеј во витрините на клубот. Избраниците на Рап-Тап сезоната ја завршија со 22 победи, 4 нерешени резултати и само еден пораз. Започнаа со Љупчо Марковски на клупата, кој по само три кола беше заменет од Сашо Тодоровски, кој успеа да направи голем успех со екипата. Како помина сезоната можете да прочитате од изјавата на Кристијан Стојановски, кој за нашиот сајт ги сподели впечатоците од освоениот трофеј.
-Со оглед на претходните сезони очекувањата за оваа реално не беа големи за да ја завршиме сезоната со голема бодовна разлика на првата позиција. Започнавме со тренерот Љупчо Марковски кој не водеше мал период од месец дена, но нема да го заборавиме и сме му благодарни за времето и искуството што ни го пренесе. Како негова замена дојде Сашо Тодровски, кој важи за еден од најдобрите тренери во младинската школа, со кој брзо се прилагодивме на играта и немаше драстични промени во играта. Сезоната ја завршивме убедливо на првата позиција, а тоа се должи на колективната игра и меѓусебното разбирање, со помош на индивидуалниот квалитет успеавме да ја оствариме цела која ја поставивме пред почетокот на сезоната.
Малку недостасуваше да играме во финалето на купот, но само поради повеќе голови постигнати на гостински терен, екипата на Работнички беше таа која ни ја скрати можноста да се бориме за двојната круна.
-Во купот испаднавме во полуфиналето, можеби првиот натпревар беше вклучен бидејќи на домашен терен загубивме со 2-3, а потоа на гостински успеавме да победиме со 0-1, резултат кој не беше доволен за да играме во финалето.
Кристијан беше дел од пионерите на Вардар, кои настапија на силниот меѓународен турнир во Сараево, на кој го освоија првото место. На овој турнир, Стојановски добиваше шанса да игра во нападот, позиција за која вели дека подобро се снаоѓа.
-Благодарен сум на тренерот Томче Трајановски кој ме повика да бидам дел од силниот турнир во Сараево, каде што го освоивме прво место и игравме против моментално најдобрите екипи од Балканот. За сезоната која помина не сум максимално задоволен од мојата игра, но сепак успехот кој го направивме како екипа не се заборава. Иако во првенството играв по средината на теренот, мојата природна позиција е напаѓач, па затоа и добив таква улога на турнирот во Сараево. Се надевам дека и во новата сезона ке го повториме истиот успех со оваа генерација на Вардар.
Звонко Ивановски