Полека се наближува крајот на првата сезона од фудбалската “Јуниор“ лига, која е во целосна организација на најголемиот клуб во Македонија. Во неа се вклучени единаесет фудбалски школи од различни градови низ нашата република, а се очекува овој број да порасне од следната натпреварувачка сезона. Една од школите која се приклучи на овој голем проект на фудбалскиот клуб Вардар е школата Еврофудбал 2- Вардар од градот Охрид. Еден од нивните тренери е Алексадар Толески, кој во овој спорт е од најмали години. Започнува да игра фудбал во младите категории на ФК Охрид па во првиот тим. Продолжува добри 13-14 години да настапува во македонската прва фудбалска лига и еден период како интернационалец во Албанија и Литванија. Бивш младински репрезентативец до 21 година и А – репрезентативец во неколку неофицијални натпревари. Како тренер во фудбалот е веќе две ипол години. На кратко ве запознаваме со екипата на Еврофудбал, која се натпреварува во “Јуниор“ лигата.
-Еврофудбал 2 Вардар постои од 2002 година, како клуб се натпреваруваме во ФФМ Детската лига југозападен регион со генерациите од 2003 до 2007 год. , а во клубот членуваат и дечиња на возраст родени 2008,2009 и 2010 год.
Поканата да се настапува во ваква лига со задоволство била прифатена од страна на оваа школа, која е дел од лигата уште од самиот почеток на нејзиното функционирање.
-Приказната за вклучување во “Вардар јуниор“ започна со нивната официјална покана да станеме подрачна единица на ФК Вардар пред две години, која внимателно ја разгледавме и со задоволство ја прифативме, а со тоа се вклучивме и во Вардар јуниор лигата. Проектот во целост го подржуваме и мислиме дека ФК Вардар е на прав пат, каде темелите се веќе поставени.
Толески го потенцираше значењето на лигата за неговиот клуб и воопшто за Македонскиот фудбал. Желбата на сите е да видиме нови надежни играчи, кои во иднина би биле столбот на Вардар и Македонската репрезентација.
-Лигата може да има огромно значење пред се за ФК Вардар, но и за македонскиот фудбал, затоа што со сигурност би изникнале идни репрезентативци, идни Дарко Панчев, Горан Пандев, Илија Најдоски и други. За нас како ФК Еврофудбал секако е бенефит за клубот, кој би бил отскочна даска за Фк Вардар, бенефит за тренерите како и за најталентираните фудбалерчиња.
Градот Охрид беше домаќин на еден од пролетните турнири во “Јуниор“ лигата. Дечињата се задоволни и среќни од условите и вниманието што им ги нуди оваа лига.
-Постои големо задоволство од игрите и резултатите во јуниор лигата до сега, а најубавиот и највпечатлив момент за децата претставува вниманието кое им се посветува од организацијата, со кое за момент се осеќаат како вистински професионалци (фудбалери), изјави Александар Толески за Вардар Фанс.
Звонко Ивановски