Три победи и еден пораз е билансот на Вардаровите генерации, после завршување на 7 коло, во дуелите против Академија Пандев. Единствени кои забележаа пораз се кадетите. Останатите генерации беа сигурни и освоија три бода.
-Помладите пионери продолжуваат со одлични резултати во новата сезона. На свој терен ја победија А. Пандев со минимални 1:0. Стрелец на единствениот погодок беше Давид Астарџиев. Ова е вкупно шеста победа за оваа најмлада генерација, која за прв пат се натпреварува во лигата. Единствениот нерешен резултат е уште во првото коло, против тимот на Работнички. Од тогаш пом. пионери редат само победи.
-Пионерите исто така остварија триумф на теренот на Локомотива. Александар Ѓоргиески им пресуди на А. Пандев, за конечни 2:0 на овој дуел. Овој резултат беше актуелен уште во првото полувреме. Шестата победа и за оваа генерација, која има доживеано само еден пораз.
-Иако имаа предност по првиот дел од 0:1, кадетите на Вардар не издржаа до крај и беа поразени со резултат 2:1. Домаќинот од Струмица погоди во последните минути со удар од белата точка. За Вардарци прецизно стрелаше Блажен Тодоров. Пет победи и два порази е билансот за оваа генерација, после 7 одиграни кола.
-Младинците ги однесоа трите бода од гостувањето во Струмица. Иако водевме со 0:2, дозволивме на противникот да го израмни резултатот. Сепак успеавме психички да се вратиме во игра, за уште еден гол, но во мрежата на противникот, за конечни 2:3 на вој натпревар. Беќири, Димков и Даци беа стрелци на погодоците за нашите младинци.