Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > Прв тим > Вардар се врати на победите во ПМФЛ, тројца различни играчи погодија во триумфот против Беласица
Вардар се врати на победите во ПМФЛ, тројца различни играчи погодија во триумфот против Беласица

Вардар се врати на победите во ПМФЛ, тројца различни играчи погодија во триумфот против Беласица

Вардар се врати на победите во ПМФЛ, откако попладнево во рамките на 7.коло ја победија екипата на Беласица. На натпреварот кој се одигра на тренинг центарот „Петар Милошевски“ славеа црвено-црните со резултат 3:1.

Васоски стартуваше со следниве 11-сетмина: Илиќ, Велковски, Чарлестон, Величковиќ, Петровиќ, Лазаревиќ, Мицевски, Најденов, Мирчевски, Попзлатанов, Мицевски (c).

Вардар одигра одлично прво полувреме, во кое ги искористи своите шанси, стекнувајќи се со предност од 2:0. Уште во 6.минута од дуелот, избраниците на Васоски успеаа да го отворат резултатот. Од левата страна Петровиќ додаде топка до Мирчевски, кој биеше од прва, прецизно за водство на Вардар од 1:0. Одлично чувство на вардаровиот играч, кој ја погоди мрежата на струмичани за водство на шампионот. Инаку ова беше деби гол за младиот Мартин Мирчевски во црвено-црниот дрес и тоа на дуел против „своите“.Истиов играч се најде во нова прилика, откако од десната страна Мицевски нафрли топка во противничкиот шеснаесетник, Мирчевски скокна највисоко, биеше овој пат со глава, но топката заврши крај голот. Имавме поголем посед на топка и контрола на играта. Вардарци погодуваат и од својата втора прилика на дуелот, се играше 17 минута кога со глава погоди Петровиќ после нафрлена топка од Лазаревиќ, за наше водство од 2:0. Прва голема прилика на мечот имаше и гостинската екипа, кога Робсон Да Силва од голема далечина ја погоди пречката од голот на Илиќ. До крајот на првиот дел се играше мирно на средината на теренот, а во 44 минута, лесно можевме да го зголемиме резултатот, откако Цветаноски доби одлична топка, од 10 метри биеше, но голманот на Беласица со одлична реакција спречи поголема негатива за својот тим. Во судиското надополнување ќе одбележиме и шанса за противникот, после центар шут од левата страна, Калановски не успева со глава да го загрози Илиќ. По првите 45 минути, Вардар имаше солидно водство од 2:0.

По 10 минути игра во вториот дел, екипата на Беласица успева да го намали резултатот на 2:1. Одличен гол мора да признаеме на бразилецот Робсон Да Силва, кој откосо од левата страна биеше од 25 метри, Илиќ се испружи целиот се обиде да интервенира, но топката сепак заврши во нашата мрежа. Почесниот гол им даде сила на струмичани, кои се обидуваа да го израмнат резултатот. Во 64 минута после продор на Калановски кој биеше од левата страна, нашиот голман Филип Илиќ одлично интервенираше и спаси погодок. Вардар се обиде преку Мицевски и Најденов, но ударите одат далеку од противничкиот гол. Вардар ги прави првите измени, во игра ги видовме Мартинага и Петковски, на местото на Мирчевски и Најденов. Токму нововлезениот Филип Петковски успева да го зголеми резултатот на 3:1, во акција во која учествуваа Цветаноски, кој даде топка до Петровиќ, овој биеше од прва за голманот да одбрани, но топката стигна до Петковски за кој не беше проблем од неколку метри да ја смести во мрежата на струмичани. Со овој гол, Вардар беше многу блиску до победата. поради повреда играта мораше да ја напушти младиот 18 годишен Мартин Радуловиќ-Величковиќ кој и денес одигра одлично во дефанзивниот дел, на негово место влезе Бојан Колевски. До крајот на дуелот без некоја сериозна шанса за нов погодок, Вардар слави со конечни 3:1.

Ова беше вкупно трета победа за Вардар, кој има освоено 10 бодови на табелата.