Tuesday ,07 May 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > У-16 > Шестта победа во серија за помладите пионери, убедлив триумф во дербито против Работнички
Шестта победа во серија за помладите пионери, убедлив триумф во дербито против Работнички

Шестта победа во серија за помладите пионери, убедлив триумф во дербито против Работнички

Помладите пионери го „преслушаа“ тимот на Работнички, во дербито од вонредното 7.коло во Супер Лигата. Избраниците на Влатко Колев се наоѓаат во одлична форма, тоа го покажаа и на денешниот натпревар кој се одигра на теренот на Алумина, откако славеа убедливо со резултат 0:4 (0:2). Ова е шестта победа во серија за нашите млади надежи од генерација 2008.

Вардарци имаа целосна доминација и контрола на играта во текот на целиот натпревар, одиграа офанзивно во текот на сите 90.минути и таквиот пристап на крајот им донесе висока и заслужена победа.

Започнавме агресивно и цврсто од првата минута, а пред да го отвориме резултатот обиди кон голот на Работнички, имаа Буцевски и Митаноски, но нивниот голман ги бранеше ударите и не дозволи рана негатива за неговиот тим. Се играше 15.минута од натпреварот, кога после продор на Буцевски од десната страна и центар шут, на одбиената топка реагираше Стефан Бујароски кој се најде на вистинското место за предност од 0:1, нашиот играч со прецизен удар од околу 20-сетина метри успеа да го матира голманот на градскиот ривал. Продолживме со константен притисок на половината на противникот, по што следеше нов погодок во мрежата на домашниот тим. Акција која започна од Митаноски, кој проследи топка до Бујароски, кој со нов одличен удар од некаде 18-сетина метри, по втор пат го совлада домашниот голман, за веќе наша предност од 0:2, резултат со кој се замина на полувреме.

Во вториот дел, со паметна и офанзивна игра, не само што ја задржавме предноста, туку истата и ја зголемивме. Петар Блажевски беше играчот кој во 55.минута погоди со глава, после центар шут на Буцевски, за водство од 0:3. „Печат“ на убедливата победа во 87.минута стави нововлезениот Лука Богдановски, кој се запиша во листата на стрелци, после кикс на стоперот на противничката екипа, нашиот играч ја искористи шансата која му се укажа за да зголеми на 0:4 и да го постави конечниот резултат на овој дерби натпревар од 7.коло во помладата пионерска супер лига.

Вардар: Павел Грбевски, Христијан Јевтоски, Филип Цветковски, Иван Ташовски (К), Илија Митаноски, Душан Бојовиќ Заев, Стефан Бујароски, Петар Блажевски, Дамјан Буцевски, Стефан Стаматоски, Данило Делев.

Играа уште и Ендрит Кадрији, Матео Каранфилоски, Лука Богдановски, Кристијан Лазаревски, Леонид Стамчевски и Матеј Георгиев.