Вардаровата генерација “2003“ забележа убедлива победа на стартот од пролетниот дел во регионалната-скопска лига. Ибраниците на Горан Петрески ја совладаа Форца со високи 15:0.
Тренерот Петрески стартуваше со следниве 11-сетмина: Стојковски, Марковски, Исмаиљи, Ѓорѓоски, Јовановски, Давидовски (c), Андрески, Хасани, Мирков, Стојановски, Младеновиќ.
Вардарци го “торпедираа“ голот на Форца на овој натпревар и уште во првата минута успеваме да дојдеме до предност од 1:0 со голот на Дарко Младеновиќ. Головите се редеа како на филмска лента и речиси секој удар кон противничкиот гол завршуваше во мрежата. Набргу стигна и вториот гол, дело на стоперот Филип Ѓорѓоски, кој погоди од прекин со нога, откако една одбиена топка стигна до него. Имавме веднаш нова прилика, Хасани нафрли до Мирков, овој шутира но конечно голманот успева да одбрани. Разликата во квалитет беше очигледна а Форца не можеше да парира на нашите момци, кои во секоја минута речиси создаваа шанси за гол.
Втор гол следи на мечот за Младеновиќ кој успева да зголеми на 3:0, откако претходно како асистент се најде Мирков. После вчерашниот деби гол за помладите пионери, денес во стартниот состав на оваа генерација шанса доби Георг Стојановски кој целосно ја оправдува довербата кај трренерите. Токму со голот на Стојановски, Вардар го зголемува резултатот на 4:0.
На половина од првото полувреме, хет-трик зад името на Дарко Младеновиќ кој му носи предност на својот тим од 5:0. Погодоците продолжија и до крајот на првото полувреме. Следиме два гола во серија на Георг Стојановски, кој исто така бележи хет-трик и зголемува веќе на 7:0. Денес Младеновиќ имаше свој ден и постигна два нови гола во мрежата на Форца, за на одмор да се замине со наша предност од 9:0.
Две измени на стартот на вториот дел, од игра излегоа Исмаиљи и Младеновиќ, додека во игра се Прелоговски и Петрушевски. Токму нововлеениот Прелоговски ја имаше првата прилика да постигне гол, но неговиот удар завршува покрај голот. Следен кој се обиде беше Марковски кој од десната страна сакајќи да упати центар шут директно упати удар во голот на Форца, но голманот успешно одбрани. Второто полувреме со гол го отвори Георг Стојановски за веќе двоцифрена предност од 10:0 на Вардар.
Влатко Стојановски е во игра на местото на Марковски. Форца имаше шанса да постигне почесен гол, но ударот завршува во пречката од нашиот гол, па остана истиот реултат. Хасани се најде во прилика да постигне гол, но неговиот удар го спречи голманот на Форца. Прв гол на натпреварот и за Лео Андрески, кој најдобро се снајде во една мешаница и погоди за 11:0. На местото на Стојковски, на голот на Вардар застана Рамадани. Прв гол на дуелот постигнува и Дарио Јовановски, за зголемена предност на својот тим од 12:0. Токму нововлезениот Рамадани спаси чист гол за Форца, откако одлично реагираше при еден удар на противникот. Не застанавме со погодоците и до крајот проследивме уште три гола во мрежата на Форца. Александро Прелоговски ги постигна следните два гола и зголеми на 14:0. додека конечниот резултат на овој дуел го постави Георг Стојановски за убедливи 15:0.
Ова е најголема победа за оваа генерација во текот на оваа натпреварувачка сезона, откако претходно рекордот го држивме против Македонија Ѓ.П, која ја победивме со 9:0.