Нов шок пораз на Вардар, овој пат подобар тим од Вардар беше градскиот ривал Работнички 3:1 (1:0). Одново Вардар одигра разочарувачки натпревар, без конкретна игра, без комуникација и со многу грешки – вака денеска Вардар го одигра дуелот против Работнички. Вардар со овој пораз падна на третата позиција на табелата.
Налик како на натпреварот во Могила, Вардар како да немаше желба да се надигрува и против Работнички во првите 45. минути, црвено – црните створија само една добра шанса за гол, додека пак домаќинот со една посериозна шанса го матираше Гачевски. Првиот удар го имаше Максимов во 10. минута, неговиот шут беше млак и без проблеми за Божиновски. Во 17. минута домаќинот преку првата шанса дојде до гол, Сергио од 6-7 метри беше прецизен во голот на Вардар, Гачевски само малку ја допре топката, недоволно да спаси водство на Работнички. До крајот на првиот дел Вардар имаше само уште една шанса, во 38. минута Максимов се избори за позиција, сакаше да бие, среќно му асистираше на Николов кој од само пет метри биеше над голот на домаќинот. Ова беше се што стори Вардар во првиот дел.
На стартот на вториот дел беше извршена двојна замена во редовите на Вардар, во игра влегоа Блажевски и Итало на местата на Барсегјан и Николов. Со оваа двојна замена Јаневски фрли се на една карта, атак во нападот. Во 47. минута Работнички имаше огромна шанса да дојде и до 2:0, шутот на Стјепановиќ го одбрани Гачевски и спречи нов сигурен гол. Добра шанса имаше Итало во 55. минута, доби добра топка од Хамбарџумјан но биеше непрецизно од 15-сетина метри. Во Вардар и понатаму не одеше, па така Јаневски во игра во 67. го внесе и Марковиќ на местото на Глигоров. Гооол, во 70. минута Вардар од пенал преку Дејан Блажевски изедначи на 1:1. Кратко траеше нерешениот резултат, Работнички во 73. минута дојде до 2:1, стрелец на голот беше Стјепановиќ од пенал. Во 82. минута Работнички стави точка на средбата, Сергио по измами Демири, му асистираше на Тодоров кој што со глава од 2-3 метри биеше прецизно за 3:1. Со овој резултат заврши дуелот, ова беше втор пораз во низа за Вардар.