Вардар ја заокружи есента со убедлива победа, откако попладнево сосема заслужено и убедливо ја победи екипата на Беласица со резултат 0:3 (0:1). Стрелци на головите кај Вардар денес беа Мирчевски, Стојчевски и Цветаноски.
Вардарци не можеа да посакаат подобро отварање на оваа средба. По само 16.секунди игра имаа предност од 0:1. Петковски со супер длабочинска топка до Мирчевски, кој фудбалски од прва ја зафати и биеше крајно прецизно под гредата на домаќинот за предност на Вардар. По голот, Вардар ја контролираше играта, имаше и шанса преку Најденов, кој биеше само по средината на голот на домаќинот. Потоа и Беласица имаше една добра шанса и единствена во првиот дел. Еден фудбалер на домаќините убаво освои простор, биеше од 15-сетина метри, но Илиќ беше сигурен и го скроти ударот. Во првиот дел за одбележување кај Вардар беше и шанса на Стојчевски кон крајот на првиот дел, кој добро биеше, а голманот на домаќините исфрли во корнер.
Вардар одново имаше одлично отварање. По само девет минути игра, поведе и со 0:2. По корнерот на Мирчевски, младиот Стојчевски го постигна деби голот за Вардар. Тука Вардар не застана, одново гол, овој пат преку Цветаноски кој биеше од 18-сетина метри, топката го смени правецот од еден од противничките играчи и во 61. минута беше веќе 0:3 за Вардар. Во последната третина од дуелот, Вардар рутински ја доврши својата работа за убедлива победа и три бода.