Генерацијата 2005 на ФК Вардар успеа да се пласира во големото финале на турнирот „Пирин Куп“. Избраниците на Зоран Петковски попладнево во полуфиналето високо ја победија екипата на Черноморец Одеса со резултат 4:0.
Вардарци имаа одлично второ полувреме во кое ги постигнаа сите четири голови, иако и во првото полувреме имавме повеќе од играта и неколку шанси за да го отвориме резултатот. Сепак, противникот издржа до крајот на првиот дел, кога резултатот беше оној почетниот 0:0. Во вториот дел, нашите млади надежи го „окупираа“ голот на Черноморец, а за отварање на резултатот се погрижи Алексеј Стефановски кој погоди за предност од 1:0. Продолживме со офанзивната игра, што ни донесе и втор погодок дело на Филип Јовановски за предност од 2:0.
На нашиот гол одличен беше и Максим Краљевски кој спречи неколку удари на противникот. Вардар до крајот на мечот постигнавме уште два гола, истите беа дело на еден ист играч, се работи за Кристијан Антевски, кој ги постави конечните 4:0 на овој меч, на кој не можевме да сметаме и на Горјан Цветков кој поради повреда го пропушти полуфиналето.
Утре во големото финале, ќе играме со подобриот од мечот, меѓу двете екипи од Софија, се работи за ЦСКА и Септември.