Вардар и официјално го донесе првото летно засилување. Се работи за младиот и перспективен играч Висар Муслиу кој доаѓа од редовите на Ренова. Муслиу има 22 години и настапува на позицијата стопер. Потпиша договор со шампионот на Македонија на три години.
Муслиу важи за еден од најдобрите млади играчи во македонскиот шампионат. Оваа сезона за тимот на Ренова одигра 32 натпревар и постигна 4 погодоци. Муслиу за официјалниот сајт на клубот изјави:
„Многу сум среќен што ќе бидам дел од Вардар. Дојдов тука да освојувам титули и да играм во Лигата на шампионите. Јас ќе дадам се од себе да се наметнам, да ја оправдам довербата на стручниот штаб и на раководството на клубот. Се надевам дека со добри игри ќе придонесам тимот да освојува уште шампионски и Куп пехари, и да бележи успеси во Европа“, рече Муслиу.
„Познавам многумина играчи во Вардар, ми кажаа многу убави зборови за клубот, дека се работи на максимално професионално ниво и дека од година во година амбициите се сè поголеми. Се радувам на овој предизвик, и сега на мене е со напорна работа да се докажувам и да напредувам во овој клуб“, изјави новиот фудбалер на Вардар.