Thursday ,28 March 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > Прв тим > Вардар иако имаше два гола предност, во 90 минута загуби бодови во дуелот со Ренова
Вардар иако имаше два гола предност, во 90 минута загуби бодови во дуелот со Ренова

Вардар иако имаше два гола предност, во 90 минута загуби бодови во дуелот со Ренова

Вардар не успеа да излезе како победник во дуелот со Ренова, на натпревар од ПМФЛ. Иако имавме водство од 2:0 и 3:1, сепак во 90 минута екипата на Ренова успеа да израмни и да ги постави конечните 3:3.

Тренерот Васоски се одлучи за следниот стартен состав: Илиќ, Мартинага, Велкоски, Величковиќ, Петровиќ, Мицевски (К), Најденов, Лазаревиќ, Мирчевски, Петковски и Попзлатанов.

Вардар одигра добро во првото полувреме и по само 13 минути игра имаше предност од 2:0. Сепак, првиот директен удар на овој дуел го имаше тимот на Ренова, во 5 минута Галазај се обиде од голема далечина, но топката заврши крај голот. Веќе во следната минута, црвено-црните успеваат да го отворат резултатот на 1:0. Прекрасна асистенција од капитенот Мицевски, која во гол ја крунисува Мартин Мирчевски, кој од 15-сетина метри го совлада противничкиот голман откако сам изби пред голот на тетовчани. Веќе во следната наша добра акција успеваме да поведеме и со 2:0. Се започна од Најденов, кој додаде топка на десната страна до Лазаревиќ, овој од прва уфрли топка во противничкиот шеснаесетник, која стигна до Јован Попзлатанов, нашиот играч умешно се снајде и ја протна топката во мрежата за зголемување на водството.

После негативата од два гола, екипата на Ренова се обиде со два удари да го совлада нашиот голман, но Филип Илиќ беше на вистинското место и ги одбрани ударите во 14 и 20.минута од натпреварот. Сепак во 28.минута, гостинот постигна гол и намали на 2:1, после несигурна интервенција на Илиќ, играчот на Ренова, Селмани стигна на одбиената топка и погоди за стопување на негативата. Каков погодок на Филип Петковски, кој го постигнува неговиот втор гол во дресот на Вардар сезонава. Од левата страна одличен центар шут на Мирчевски, а Петковски со глава успева да го матира гостинскиот голман за водство од 3:1 во 40 минута од натпреварот. Сепак по само две минути, врати Ренова со исто така ефектен гол од десната страна на Велија, кој шутира прецизно за намалување на 3:2. Овој резултат беше актуелен на полувреме.

Прва измена кај Вардар во 50 минута од натпреварот, од игра излезе Радуловиќ-Величковиќ, на негово место уште еден млад играч кој е генерација 2002, се работи за Александар Ѓурковски. Во 57 минута се обиде да изненади капитенот Мицевски од голема далечина, но неговиот удар заврши далеку од голот. Гостинот се обидуваше да израмни, имаа обиди преку Селмани чиј удар го одбрани Илиќ, како и Садики кој шутираше крај голот. Во 72 минута од левата страна се обиде Попзлатанов, ударот оди крај голот на гостите. Во игра влезе и Блажевски на местото на Мирчевски. Во 76 минута можевме да ставиме печат на победата, кога Мицевски имаше позиција да го совлада голманот на Ренова, кој го брани неговиот удар и ги одржува гостите дека можат да се надеваат на бод од овој меч.  Васоски прави трета измена, во игра е младиот Парталко, на местото на Петковски Филип, стрелецот на третиот гол. Студен „туш“ за вардарци во 90 минута, сепак одбраната на Вардар попушти и гостинот израмни на 3:3. После една брза контра, Блажевски се обиде, биеше, но топката заврши крај голот, убава прилика да стигнеме до победа, но немаше реализација од вардаровиот напаѓач.