Сосема заслужено, градското дерби попладнево му припадна на Вардар. “Црвено – црните” во текот на сите 90. минути беа подобар тим на теренот и сосема заслужено на крајот се радуваа на победа издвојувана со резултат 0:2 (0:1). Головите за нашиот тим денеска ги постигнаа Цветаноски со својот првенец во Вардар и Фелипе во вториот дел. Вардар со оваа победа се зацврсти на втората позиција на табелата.
Вардарци по првиот дел имаа предност од 1:0 над градскиот ривал. Уште на стартот од овој дерби дуел Вардар успеа да го отвори резултатот. Се играше шесттата минута, Брдаровски одлично по страна продре и му додаде супер топка на Матеј Цветаноски кој од само неколку метри стрелаше прецизно во голот на домаќинот за предност на нашиот тим. По овој гол, Вардар трпеливо играше и го градеше својот напад пред голот на противникот, а одбраната на чело со Манев ги оневозможи напаѓачите на Работнички да дојдат до поголема шанса за гол. Во првиот дел се за обележување и супер шансите на Лира во 43. минута, кој излезе сам пред Јанков, но биеше само покрај голот и волеј ударот на Мицевски во 37. минута кој заврши за малку над голот на противникот.
Вториот дел исто како и првиот, започна убаво за нашиот тим. Се играше 56. минута, Хуан Фелипе покажа за каков мајстор се работи, ја размрда целата одбрана на Работнички и од 20-метри стрелаше крајно прецизно по земја за голема предност на нашиот тим од 0:2. Во 67. минута во игра кај Вардар влезе Попзлатанов на местото на стрелецот на првиот гол Цветаноски. Во продолжението на натпреварот домаќинот се обидуваше преку своите напаѓачи да го загрози голот на Гачевски, но нашиот голман беше на нивото и денеска. Се играше 70. минута, Чинеду упати бомба удар од 20-сетина метри само во пречката од голот на Гачевски, кој имаше среќа овој пат. До крајот на дуелот во игра влегоа и Колевски и Реџепи на местата на Лира и Аврамовски, а на теренот немаше промени на резултатот, па така Вардар запиша нови три бода.