ФК Вардар денеска го одигра првиот, од предвидените пет пријателски натпревари во Анталија. Нашите играчи попладнево силите ги одмерија со тимот на Стеауа од Романија. Овој натпревар го доби Стеауа со резултат 1:0 (0:0). За жал и на овој натпревар изостана реализацијата во нашиот тим.
Во 8 минута од натпреварот тимот на Стеауа го имаше првиот удар кон нашиот гол, но ударот заврши над голот на Гачевски. Во 14 минута Стеауа имаше голема шанса да дојде до водство, но ударот на Пинтили од 25 метри заврши во стативата од голот на Гачевски и остана 0:0. Во 20 минута од мечот Стеауа имаше уште една голема шанса. Еден нивни играч биеше одлично од слободен удар, но Гачевски феноменално одбрани и спречи предност за романскиот тим. Во 24 минута нашиот тим го упати првиот удар во рамките од голот на Стеауа, но противничкиот голман кој го одбрани ударот на Новак. Првиот дел заврши без голови 0:0. Иако нашиот тим ја имаше повеќе топката во свој посед, сепак, тимот на Стеауа беше по блиску до погодок. Најубавата шанса за гол во првиот дел ја пропушти Пинтили кој биеше во стативата од голот на Гачевски.
Во вториот дел Седлоски го измени речиси целиот тим. Во 47 минута еден играч на Стеауа биеше, но само млако поземја кон нашиот гол. Во 54 минута нашиот тим ја имаше најголемата шанса да дојде до предност. Грозданоски доби одлична топка во празно, излезе сам пред голманот на Стеауа, но неговиот удар го одбрани голманот на противникот и остана неискористена оваа голема шанса за нашиот тим. Во 58 минута се обиде и Хамбарџумјан од слободен удар од над 30 метри, но неговиот удар од живиот sид дојде во рацете на голманот на Стеауа. Во 61 минута Стеауа дојде до предност од 1:0 преку Јаколис. Нашиот голман Алексовски направи грешка која знаеше да ја искористи Јаколис за предност на неговиот тим. Во 77 минута Грозданоски имаше уште една одлична шанса, но и оваа не успеа да ја претвори во гол. Се до крајот на мечот нашиот тим се обидуваше, но, не успеа да го пронајде патот до голот на противникот.