Во рамките на седмото коло од детската лига, денес победи забележа генерацијата родени “2006“ на тренерот Филип Арсовски. Тие за противници ги имаа екипите на Фортуна и Сарај.
Вардар (1) најпрво излезе на теренот против екипата на Фортуна. Ни требаше време додека да се “разбудиме“ и да ја играме препознатливата игра, која ја краси оваа генерација. Тоа го искористи противникот кој поведе со удар од белата точка, откако еден наш играч играше со рака во противничкиот простор. Претходно прв се закани капитенот Сековски, но голманот на Фортуна го брани неговиот удар. Следен кој се обиде беше Дамјан Крстевски, кој шутира покрај голот на противникот. Црвено-црните имаа иницијатива, но во овој период без посериозни шанси да ја затресат мрежата. Коловски се обиде, но резултатот остана непроменет. Советите на тренерот Арсовски полека започнаа да вродуваат со плод, па неговите избраници за само неколку минути прават комплетен резултатски пресврт. Најпрво Марко Николовски го израмнува резултатот на 1:1, додека за водство наше од 2:1 погодува Стефан Коловски. Со овој резултат се замина на полувреме.
Целосна доминација на Вардарци на стартот на вториот дел. Давид Голубов имаше прв шанса да зголеми. Сепак набргу стигна и третиот гол во мрежата на Фортуна. повторно дело на Марко Николовски за водство од 3:1. Прв погодок на овој меч и за Давид Голубов, кој го зголеми резултатот на 4:1. Противникот речиси и да не го виде нашиот гол во овој дел од мечот. Шансите пред голот на Фортуна се редеа во секоја измината минута. Во листата на стрелци се запишува и Михаил Танчев кој погодува со глава, за веќе убедливи 5:1. Тука не застанавме и продолживме со офанзивната игра. Нов погодок за Михаил Танчев за предност од 6:1. Уште три погодоци на Вардар ги одбележаа последните 10 минути од натпреварот. Давид Голубов со нов гол зголемува на 7:1. Следниот гол за водство од 8:1 е дело на Стефан Коловски, додека серијата на погодоци ја заокружува Давид Голубов за конечни 9:1.
Натпревар одигра и Вардар (2) кој за противник ја имаше екипата на Сарај. Оваа екипа на нашата генерација игра се подобар фудбал како одминуваат натпреварите. Го отворивме резултатот за 1:0 со голот на Мирза Хасиќ. Следуваше период кога двете екипи немаа поголеми шанси, па резултатот остана непроменет. Мора да се потенцира дека гоманот на Вардар Мартин Ивановски во три наврати спречи израмнување на резултатот. Тоа го искористија нашите момци кои зголемуваат на 2:0 со голот на Филип Симоновски. Овој резултат беше актуелен по првото полувреме.
Во вториот дел исто така бевме подобра екипа на теренот. Успеваме да постигнеме трет гол преку Михаил Танчев и да ја обезбедиме победата. До крајот на мечот екипата на Сарај постигна почесен гол и намали на 3:1. Голманот Мартин Ивановски денес беше еден од подобрите, спречувајќи неколку одлични шанси на противникот.