Нашите млади надежи од генерација “2006“ играат одлично на турнирот во Бугарија, каде попладнево успеаа во полуфиналето да ја совладаат екипата на Локомотив Софија. Полесно од очекувањата, црвено-црните триумфираа убедливо со резултат од 6:0.
Се очекуваше противникот од Бугарија да пружи посилен отпор на Вардарци, но од тоа немаше ништо. Како сега да започнал турнирот за избраниците на Сашо Јанев, кои од натпревар на натпревар играат се подобро, и ги “прегазуваат“ своите противници. Тие можат да се пофалат со неверојаен податок, тоа што ниту по петтиот одигран натпревар не се најде играч, кој може да ја затресе мрежата на нашиот голман, Андреј Данстак.
По првото полувреме имавме солидна предност од 3:0 и му дадовме до знаење на противникот дека нема што да бара на овој меч. Повторно голгетерески расположен е Алтин Алији кој ги постигна првите два голови, првиот беше после одбиена топка, а вториот со удар од далечина. Потоа на сцена стапи славеникот, Марко Николовски, кој со гол го аврши првото полувреме, откако одзема една топка и ја смести во мрежата на Локомотив.
Вардар не помисли да застане на овие три голови, и продолжи константно и во второто полувреме да напаѓа и создава шанси. Втор гол на мечот дело на Марко Николовски, кој направи прекрасна акција, во која како асистент се истакна Сековски, за веќе водство од 4:0. Следи нов гол и хет-трик за Николовски, кој погодува откако доби топка од Димитар Порчу, за веќе “петарда“ во мрежата на бугарите. Голеадата на овој меч ја затвори Михаил Танчев, откако избега на одбраната и го матираше голманот, за конечен резултат од 6:0.
На турнирот до пред одигрување на финалниот натпревар, нашите момчиња имаат пет победи од исто толку мечеви, без примен гол. Утре играме финале на турнирот, против екипата на Витоша од Софија.