Нова победа за вардаровата генерација “2003“ која немаше многу проблеми да го добие дуелот со Скопје, во рамките на регионалната – скопска лига. Попладнево на теренот на Академијата, избраниците на Горан Петрески славеа со резултат 5:1.
ФК Вардар: Рамадани, Ѓорѓоски, Марковски, Трпезановски, Сељанац, Давидовски (c), Јовановски, Андрески, Прелоговски, Младеновиќ, Стојановски.
Првите директни обида беа кон голот на Скопје и тоа со глава, откако Андрески и Ѓорѓоски упатија удар, но резултатот се уште беше непроменет. Избраниците на Чунга Лунга играа многу офанзивно и не му оставаа простор за игра на гостинскиот тим. Првата поголема шанса за Вардар ја имаше Прелоговски, кога од некаде 7 метри биеше, но противничкиот голман успешно одбрани. Повторно се закани и Лео Андрески, кој шутира покрај стативата од голот на Скопје. Полека се насетуваше отварање на резултатот, а гостите од железарница не можеа вечно да имаат среќа. Црвено-црните успеваат после неколку пропуштени шанси да поведат со 1:0, откако успешно стрелаше, Александро Прелоговски. Истиов играч само пет минути подоцна го постигна и својот втор гол, откако од десната страна нафрли Марковски, а на вистинското место се најде Прелоговски, за предност од 2:0.
Противникот речиси и да не ја помина својата половина, беа длабоко повлечени во дефанзива, а црвено-црните продолжија со исто темпо да го игра мечот. Имавме можност да зголемиме, откако на нафрлена топка од корнер, највисок во скокот беше стоперот Ѓорѓоски, кој бие, но голманот на гостите спречува поголема негатива. Капитенот, Петар Давидовски во два последователни обиди имаше можност да се запише во листата на стрелци, првиот кога биеше за малку покрај голот и вториот кога шутираше, но успешно одбрани чуварот на мрежата на Скопје. Исто така и Дарко Младеновиќ се најде во прилика, но резултатот и понатаму остана 2:0. Вардар не се задоволуваше со оваа предност, па постигнува и трет гол и тоа со удар од белата точка, а сигурен реализатор на истиот беше Алек Сељанац, за водство од 3:0. Тренерот Петрески втор натпревар по ред во првиот состав му дава шанса на Георг Стојановски, момче кое е родено “2004“ година, кој одлично функционира во нападот. Токму Гео одлично и несебично асистира до Прелоговски, овој бие над голот. До истекот на првите 40 минути ќе го одбележиме и ударот од слободен на Адрески, топка која оди над голот. Првото полувреме завршува со резултат од 3:0.
На стартот на второто полувреме беа направени две измени во нашите редови. Играта ја напуштија Јовановски и Сељанац, а на нивно место се Стојановски и Петрушевски. Хет-трик зад името на Александро Прелоговски кој успеа да постигне нов гол, за веќе убедливи 4:0 за екипата на Вардар. Шанса на голот доби и Силјановски, кој го замени Рамадани, додека во игра влегоа и Петкоски и Тасески.Денес Стојановски Георг немаше среќа да ја погоди мрежата на Скопје, откако најпрво неговиот удар го одбрани голманот, а во втората прилика ја погоди и стативата.
Конечно и Скопје го упати својот прв директен удар кој оди над голот. Во наредниот период следиме “петарда“ во мрежата на Скопје и тоа со првиот гол на нововлезениот Влатко Стојановски, кој погоди за предност од 5:0. До крајот на мечот почесен гол и за гостинот, откако кикс направи нашиот голман, Силјановски, за намалување на 5:1. Убава шанса за Стојановски Георг, нова која противничкиот голман успешно ја одбрани. На крајот конечен резултат од 5:1 за екипата на Вардар.
Ова беше 12 победа за избраниците на “Чунга Лунга“ кои остануваат на првото место на табелата, во својата генерација.