На завршниот турнир во детската фудбалска лига, екипата на Вардар (2) од генерација родени “2004“ година успеа да го освои првото место во својата возрасна категорија. Патот до врвот беше долг за овие момчиња, кои покажаа голема желба за надигрување и победа. На крајот сосема заслужено се радуваа на трофејот, откако во големото финале беа подобри од екипата на Брегалница од Штип. Оваа генерација имаше успешна сезона, а може да се пофали и со освојување на прво место и на силниот турнир “Балканика куп“ во Бугарија. Еден од најзаслужните за добрите резултати на оаа екипа и херојот во завршните мечеви од детската лига е голманот Васко Василев., кој за нашиот сајт даде една анализа на изминатата сезона и впечатоците од освоеното прво место во детската лига.
-После “изненадувачкиот“ триумф на Брегалница над Вардар (1) во полуфиналниот натпревар, бевме се повеќе мотивирани за одмаздувачка победа и со силен дух и меѓусебна сплотеност успеавме да ја постигнеме зацртаната цел. Натпреварувачката сезона 2015/16 во детската лига екипата на Вардар (2) ја заврши со само еден пораз од екипата на Форца и еден нерешен резултат од истиов противник. На турнирите каде што настапивме исто така постигнавме одлични резултати и пласман. На меѓународниот турнир во Сандански (Бугарија) го освоивме првото место. Покажавме добра игра и врвни резултати против силните домашни екипи, како Левски и ЦСКА Софија. Благодарение на тренерот Филип Арсовски, екипата играше тимски со добра воиграност. Тука е и тренерот на голманите, Слободан Мутибариќ кој ни дава силна самодоверба пред и за време на сите натпревари. Воиграноста помеѓу играчите на Вардар (2), трудот и работата во текот на претходната година доведе кај многумина изненадување за постигнатите резултати. Сепак ние како екипа верувавме во себе и нашите квалитети.
Слободно може да се каже дека нашиот чувар на мрежата е еден од најзаслужните за освоеното прво место. Неговите одбрани беа клучни во пенал рулетот, против екипата на Академија Пандев во четвртфиналето, додека во финалето исто така успеа да скроти удар од белата точка на екипата на Брегалница. На крајост повеќе од заслужено признанието за најдобар голман му припадна на Василев.
-Јас лично сум задоволен од моите одбрани на последните неколку натпревари, а посебно од решавачките удари. Во четвртфиналето против А. Пандев успеав да одбранам три пенали и еден во големото финале против Брегалница од Штип. Добиената награда за најдобар голман ме направи пресреќен, која ми дава силна мотивација за и понатаму да се трудам и напорно да работам. На крајот ќе кажам едно големо браво за сите играчи, кои се подеднакво заслужни за големиот успех на оваа наша генерација, изјави Васко Василев за Вардар Фанс.
Звонко Ивановски