На новиот тренер на Вардар му оди одлично. Не само што бележи добри резултати, туку и формациски одлично го поставува својот тим на секој натпревар. Васоски, шефот на стручниот штаб на Вардар даде свој осврт за досегашниот тек од сезоната, а ги искажа своите очекувања за утрешниот натпревар со Силекс.
„Можам да бидам задоволен од досегашниот тек на првенството. Четири победи и две нерешени без пораз е добар скор. Освен оној, така да кажам, „кикс“ со Беласица, на другите натпревари постигнавме посакувани резултати. Меѓутоа јас би рекол дека не треба да живееме од минатото. Треба да гледаме само напред кон иднината, и веќе се подготвуваме за следниот натпревар со Силекс каде што треба да се продолжи со исто, па дури и со посилно темпо“, изјави Васоски кој додаде дека секој натпревар е различен, и на секој ќе треба да се пристапи максимално.
„Секој натпревар е различен бидејќи играме со различен противник, и никого не потценуваме. Подготвени сме и на овој натпревар да одоговориме на предизвикот. Нормално дека посакуваме победа. Реков дека не треба да играме на историјата, не треба да се опуштиме бидејќи во фудбалот најважно е да останете концентрирани во секој момент. Така ќе биде нашиот пристап и на овој, и на сите натпревари до крајот и нормално нашата цел е на секој натпревар да одиме на победа“, изјави шефот на стручниот штаб на нашиот тим.