Вардарци денеска ги стартуваа летните подготовки, а на нив се појави и ново име. Станува збор за 26 -годишниот играч од Колумбија Адолфо Обрегон. Обрегон е висок 1.80, настапува на позицијата напаѓач. Обрегон во својата кариера има настапи за голем број клубови низ светот.
Најпрвин во сезоната 2011/12 настапувал за тимот на боливиски Ла Паз, каде што има одиграно 24 натпревари и постигнато 8 погодоци. Потоа Обрегон во 2012/13 се сели во Насионал Потоси каде на 21 натпревар има постигнато 7 погодоци. Во сезоната 2012/13 настапувал и за мексиканскиот Веракруз, каде запишал четири натпревари. Во 2013 година настапувал и за тајландскиот Рачабури, каде на 12 натпревари постигнал 4 погодоци. Во сезоната 2013/14 настапувал повторно за Насионал Потоси. Во 2014 година настапувал и во Бразил во тимот на Гуарани, каде на шест натпревари постигнал еден погодок. Во 2015/16 се сели во Европа, во тимот на Етникос од Ахна, каде на 11 натпревари постигнал 3 погодоци.