Вардар го доживеа вториот пораз во Аланија, откако денеска загуби и од Сумгаит од Азербејџан со резултат 1:3 (1:0). Голот за нашиот тим го постигна Новак во 37. минута од натпреварот.
Почетниот состав на Вардар: Гачевски, Жуниор, Наумчевски, Новак, Тошевски, Димовски, Најдовски, Али, Игнатов, Лира и Омерагиќ
Вардар по првиот дел имаше предност од 1:0 над Сумгаит од Азербејџан. Првиот дел мина со блага иницијатива на противникот, кој створи повеќе шанси, упати четири по пет удари кон голот на Гачевски, но сите крајно непрецизно и високо над голот. Нашите напади воглавно одеа преку Тошевски, кој на неколку наврати се обиде со високи топки да ги пронајде нашите високи играчи Лира и Омерагиќ. Голот на Вардарци падна во 37. минута. Али Адем нафрли од корнер а Новак крајно ефектно со пета ја смести топката во долната десна страна од голот на противникот за предност од 1:0. До крајот на првиот дел Вардар имаше и една убава шанса од слободен удар од 22-23 метри, но Лира биеше само во живиот sид.
Во вториот дел во игра влегоа: Илиќ, Манев, Манасиевски, Тодороски, Велковски, Мицевски, Реџепи, Колевски, Брдаровски, Цветаноски и Ибиши.
На стартот од вториот дел Васоски го смени целиот тим. Противникот тоа умешно го искористи и створи неколку добри шанси за само 5-6 минути игра. Па така во 53. минута, еден противнички играч нафрли употреблива топка, го пронајде својот соиграч, кој со глава биеше прецизно за 1:1. За две-три минути следуваше нов гол на Сумгаит. Илиќ направи катастрофална грешка, противникот тоа го искористи и постигна гол за комплетен пресврт. Во 88. минута, противникот постигна уште еден гол, за конечни 1:3.