Утрово, генерацијата на ФК Вардар родени 2005 година го одиграа големото финале на меѓународниот младински турнир „Пирин Куп 2020“. Во големото финале, Вардар се сретна со екипата на ЦСКА Софија од која загуби со резултат 2:4.
Скратениот ростер и заморот си го направи своето, па противникот од Бугарија уште во првото полувреме ги реши работите, кога имаше недостижна предност од 0:4. Во вториот дел со двата гола на Филип Јовановски успеавме да го ублажиме поразот и да ги поставиме конечните 2:4.
На овој турнир, тренерот Зоран Петковски имаше на располагање само 14 играчи, голем број од играчите не отпатуваа за Бугарија поради болест, еден од нив беше и најдобриот стрелец на генерацијата, Никола Величковски. Горјан Цветков иако повреден денес настапи, но очигледно беше дека не може да даде максимум.
Сепак, одличен успех за оваа генерација, која во конкуренција на десет екипи успеа да го освои второто место. На целокупниот турнир одигравме шест натпревари, на кои остваривме четири победи, еден нерешен резултат и пораз.