Претстојниов викенд, во сабота ќе започне новата натпреварувачка сезона во првата македонска фудбалска лига. Истата ќе стартува на најдобар можен начин, со дерби помеѓу екипите на Шкендија и Вардар, најголемите претеденти и оваа сезона за освојување на шампионската титула во домашното првенство. Мечот се игра во сабота на градскиот стадион во Тетово, со почеток од 17 часот . Двете екипи претходно имаа напорен и активен период, со настапите во Европските натпреварувања. Вардар и Шкендија ќе бидат дел од плејофот на лига Европа, а нивни противници се екипите на Фенербахче и Милан. Во пресрет на саботното дерби со Шкендија, десниот бек на Вардарци, Владица Брдаровски за нашиот сајт ги сподели очекувања за воведниот меч на стартот на новата сезона.
-Во сабота ја започнуваме новата сезона и тоа со дерби дуел против екипата на Шкендија. Можеби овој натпревар требаше да се игра малку покасно, но што е тука е, во сабота ќе мора да ги одмериме силите со тимот од Тетово. Нормално како и на секој натпревар одиме на победа, но имаме голем респект спрема Шкендија. Знаеме дека тие се наш најголем ривал за титулата. Тоа е добра екипа составена од квалитетни и искусни играчи. Сакам да им честитам исто така и за пласманот во плејофот од лигата на Европа.
Нашиот шампион имаше историска шанса да се пласира во плејофот од лигата на шампионите, кога само 15 минути ги делеа црвено-црните до историски успех. Сепак на крајот, Копенхаген се радуваше на победата и пласманот во следната рунда од ЛШ.
-Имавме добар резултат после првиот натпревар, кога на арената “Филип Втори„ славевме со резултат од 1:0. Успеавме да ја зачуваме мрежата незатресена и на тој начин да патуваме на реваншот во Данска. На вториот натпревар, се до 75 минута имавме активен резултат, кој не носеше најмалку во групната фаза од лигата на Европа, но ете целосно потфрливме во тие последни 15 минути и секако многу жалиме што ја пропуштивме оваа историска шанса.
Црвено-црните ќе имаат поправен и тоа против атрактивната екипа на Фенербахче, за која настапуваат познати играчи. Сепак Брдаровски вели дека тој и неговите соиграчи ќе дадат се од себе да извлечат поволен резултат, во овој двомеч против турскиот гигант.
-Фенербахче е добро познат противник и звучно име во Европа. Еден од најсилните противници кои можеа да ни паднат во плејофот од лигата на Европа. Можам да ветам дека ќе дадеме максиум од себе, да пробаме на првиот натпревар во Скопје да направиме добар резултат. Секако со помош на нашите навивачи, очекувам полн стадион и голема поддршка од трибините.
Звонко Ивановски