Големи успеси во изминатата сезона во детската фудбалска лига беа поврзувани со генерацијата родени “2004“ година. Нашите млади надежи успеаа да освојат прво и трето место на државно ниво во оваа лига, натпреварувајќи се со две екипи. Дел од оваа генерација е Огнен Здравковски, кој има голем удел во успесите на Вардаровата генерација родени “2004“ година. Играч кој може да одговори на различни позиции на теренот, располага со одлична техника, брзина и силен удар кој често е небранет за противничките голмани. Борбеноста е исто така одлика која го краси и за него нема изгубен дуел со противничките играчи. Стандарден во составот на неговата екипа и играч кој може да се развие во голем талент кој би доприносел за успесите на Вардар и Македонската репрезентација. Во следново интервју ве запознаваме токму со Огнен Здравковски.
-Фудбалот можеби не беше мојата прва играчка, но беше мојата прва најголема, поголема од мене. Од најмали нозе почнав да шутирам, се сопнував од фудбалот, но не се откажував. Мојот татко е тој кој ја поттикна мојата љубов кон спортот, особено кон фудбалот. Бев многу мал , можеби 3-4 години, кога татко ми почна да ме носи на игралиштето во Петровец. Уште од тогаш почнав да трчам кругови заедно со него, а подоцна и ме подучуваше со фудбалот. Моите први фудбалски почетоци беа во ФК Петровец, со тренерот Сотир Миленковски. Потоа продолжив во ФК Младина Римес – Маџари со тренерот Фуле Факич, а од пред три години сум во ФК Вардар благодарение на тренерот Павел.
Филип Арсовски е еден од најзаслужните за успесите на оваа генерација, која во моментов можеби е најдобрата во најмладите категории на ФК Вардар.
-Прв тренер во Вардар ми беше Филип Арсовски, со него поминавме многу убави мигови, ме научи на многу корисни трикови во фудбалот и ме поттикна да го засакам овој спорт уште повеќе. Еве јавно му се заблагодарувам од се срце од целата екипа сите го делиме истото мислење за него, сите успеси што ги постигнавме се должат на неговата љубов и посветеност кон нас подеднакво.
Изминатата сезона, оваа генерација беше дел од два силни турнири во Бугарија, од кои на едниот го освои првото место совладувајќи ги најдобрите Бугарски екипи, Левски и ЦСКА од Софија.
-Последниот најголем успех ни беше минатата сезона на учеството на меѓународниот фудбалски турнир во Сандански, Р.Бугарија, каде го освоивме првото место во генерацијата 2004 .
Ане Андовски е тренерот кој ќе раководи со оваа генерација во новата натпреварувачка сезона. Беа дел од летниот камп во Охрид, како и на турнирот во Благоевград каде освоија четврто место.
-Во новата сезона почнавме со нов тренер, Ане Андовски,кој сеуште го запознаваме, но можам слободно да кажам дека е навистина многу добар тренер, го бара максимумот од нас, не мотивира и одлично не подготвува. Мислам дека ке имаме одлична соработка и со него, а и успеси исто така .Со нетрпение го очекуваме стартот на лигата, и новите предизвици.
Огнен го потенцира големото значење на Јуниор лигата, каде можат да се откриваат нови фудбалски таленти.
-За основањето на “Вардар јуниор“ лигата мислам дека е полн погодок , и за Вардар како клуб и за сите мали и скриени таленти некаде во нашата земја. Тоа е можност да се истакнат многу деца, да им се даде прилика на многумина што ја немале. Секогаш ке има нови и нови имиња а Вардар баш лукаво ја користи оваа прилика за ловење на таленти , ми се допаѓа тоа.
Голема е честа и привилегијата да се игра во најголемиот клуб во Македонија, токму Огнен ја има таа чест да го носи црвено-црниот дрес.
-Сон на секое дете што го сака фудбалот, а е од Македонија е да игра во Вардар . И јас истото сум го чувствувал. Вардар е име, бренд, историја, тој е исто како Барселона во Шпанија. Голема е честа да се игра во Вардар и навистина сум горд што сум дел од него. А на вас како редакција ви благодарам многу за просторот што ми го овозможивте, изјави Огнен Здравковски за Вардар Фанс.
Звонко Ивановски