Симеон Здравковски е вистински виртуоз на фудбалската игра. Денес тој настапува за генерацијата родени “2005“ година на фудбалскиот клуб Вардар под водство на Игор Кралевски, со која стана есенски шампион во детската лига. Играч кој го има насекаде на теренот, кој многу работи за тимот, од него почнуваат голем број од акциите на Вардар, а истовремено е еден од главните бедеми пред својот гол. Неговиот брат исто така игра за Вардар, во една година помалата генерација, родени “2004“. Симеон е голем потенцијал, во него се гледа играч кој понатаму би се развил во голем професионалец. Во следново интервју ве запознаваме со Симеон Здравковски.
1. Кој ве потикна да започнете да играте фудбал. Кој е вашиот прв клуб и тренер со кој работевте ?
-Желбата за фудбал ми се роди на пет годишна возраст, од мојот татко кој секојдневно не носеше на игралиште со мојот брат. Првиот клуб во кој почнав да тренирам беше ФК Петровец, а прв тренер ми беше Сотир Миленковски.
2. Во есенскиот дел од сезоната со вашата генерација станавте есенски шампион. Како ја видовте изминатата полусезона и колку сте задоволни од остварените резултати ?
-Во изминатата полусезона стартувавме со нов тренер Игор Кралевски,и морам да ви признаам дека одлично работи со нас. Сите од мојата екипа сме многу задоволни од него, а и резултатите говорат за тоа. Есенскиот дел од сезоната го завршивме со максимален број освоени поени и сме лидери во нашата генерација.
3. Колку сметате дека сте заслужни за добрите игри на својата екипа, и која е ваша позиција каде најдобро се пронаоѓате на теренот ?
-Интересно за мене е што со доаѓањето на новиот тренер во мене се разбудија нови способности кои тој го откри, ми даде можност и јас заблескав во една нова позиција. Од одбрамбен играч станав играч во средина,и мислам дека успешно ја бранам таа позиција.
4. Оваа сезона имате можност да работите со Игор Кралевски. Колку неговото играчко искуство го пренесува на вас младите и како е да се работи под негово водство ?
-Тренерот е задоволен од мене а и моите соиграчи исто така. Секогаш искрено ни укажува на грешките максимално се труди и работи со нас да не направи најдобри. Ми се допаѓа неговиот начин на работа, многу учиме од него и навистина сме среќни што го имаме Игор Кралевски за тренер кој несебично ни го пренесува неговото огромно знаење и фудбалско искуство.
5. Шо претставува за вас играњето во Вардар ?
-За мене е голема чест и задоволство да играм во еден ваков фудбалски клуб со реноме, со богата историја и визија за иднината на фудбалот во Македонија.
6. Едно ваше мислење за проектот на ФК Вардар, наречен “Јуниор“ лига ?
-Проектот “Јуниор лига“ е одлична можност за сите мали и големи таленти да се покажат и докажат во фудбалската игра.
7. Кои се вашите очекувања за пролетниот дел од сезоната ?
-Очекувањата за пролетниот дел од сезоната ми се големи, затоа што одлично го сработивме есенскиот дел. Се надевам на уште подобра игра и меѓусебна комуникација со соиграчите и едвај чекам да почнеме со тренинзи и разигрување.
8. Дали имате некоја цел или желба која би сакале во иднина да ја исполните ?
-Она што нам ни го дава Академијата Вардар ретко кој клуб во Македонија го овозможува. Јас сум презадоволен од условите што ни ги овозможија, а и од тренерот кој несебично работи со нас. Затоа сега за сега не сонувам за некои светски познати клубови, затоа што одлично ми е во Вардар.
Звонко Ивановски