Фудбалскиот Шампион на Македонија за сезоната 2019/20 се уште е во очекување дали ќе се најде човек кој ќе спаси клубот од пропаст. До крајот на новава недела ќе биде позната судбината на клубот. Вака се вели во соопштението од навивачката група Комити, која го одложи маршот на одредено време. Прочитајте го во продолжение целиот текст:
Во наредните неколку денови до крајот на претстојната недела ќе се решава судбината на ФК Вардар.
Пристигнаа до нас сите апели за спас на клубот од сите на кои Вардар им е при срцето, и не можеме и покрај цела ситуација да не ни е драго и да не сме горди затоа што позади Вардар застануваат многу луѓе и институции, дури и оние кои можеби и не очекуваме.
На мака се познаваат јунаците !
Не дека ФК Вардар немал тешки времиња, имаше, и тогаш јасно се издвоија оние кои се вистински Вардарци од оние кои се Вардарци по потреба. Но ова е тест за новите генерации кои се дел од клубот.
Играчите, стручниот штаб и целиот оперативниот сегмент, покажаа исклучителна приврзаност за црвено-црните бои, покрај неоспорниот квалитет и одличен избор на играчи кои се спремни да понесат одговорност и да го прифатат теретот кој го носи името, оваа генерација доколку издржи и заедно со нас го надмине овој тежок период, може да се спореди со генерацијата од 1986/87. Ќе гази најмалку во нареднава деценија, но и доколку дојде време да се разделиме со некого, тоа ќе биде во сериозен клуб со високо реноме, а не локален или регионален просечен тим.
Најмлад но и најзрел тим сме во лигата.
Честитки момци – Капа долу Тетовче ! И како играч на Вардар и како тренер но пред се како човек ти се восхитуваме и уживаш безрезервна поддршка од цела Црвено црна Армија.
Благодарни сме што ФК Вардар е над партиските интереси, па и од тој аспект може да кажеме дека сите се за Вардар, без разлика на политичките бои, и радува што поддршката е активна. Убаво е да се види дека Вардар повторно обединува !
Има и такви кои си дозволуваат да не прозиваат дека не реагираме за состојбите во клубот само поради тоа што не пишуваме премногу на таа тема. И кога не пишуваме сме во тек, и инсистираме без да се мешаме во деталите, да бидеме во тек со случувањата и преговорите за примопредавањето на клубот, и иако ништо не е кристално јасно веруваме дека Вардар ќе биде онаму каде што треба да биде, и доколку биде превземен ќе биде од луѓе кои го сакаат или за брзо време ќе го засакаат клубот со целото срце.
ГО ОДЛОЖУВАМЕ МАРШОТ, затоа што даваме шанса. Затоа што ја фокусираме цела енергија и љубов за Вардар, за и новите генерации ја почувствуваат енергијата која само Вардар му ја дава на Скопје, за Македонија која Вардар ја воздигнува и слави заедно со славата своја. Вардар мора да живее !
Ги повикуваме играчите да бидат со нас, затоа што и ние сме со нив во секој чекор !
Го повикуваме стручниот штаб и сите делови од клубот да бидат на висина на задачата, затоа што за Вардар се пишува историја. Ве повикуваме да бидеме заедно на победничката страна на историјата, историја и иднина кои ве повикуваме да ги пишуваме и чекориме заедно !
До крај за Вардар !