Friday ,04 October 2024
Последни:
Home > Останати спортови > Атлетика > Историја: ЕП, Балкански и југословенски првенства организирани од Македонската атлетска федерација (III.дел) пишува, проф.М.Бошковиќ
Историја: ЕП, Балкански и југословенски првенства организирани од Македонската атлетска федерација (III.дел) пишува, проф.М.Бошковиќ

Историја: ЕП, Балкански и југословенски првенства организирани од Македонската атлетска федерација (III.дел) пишува, проф.М.Бошковиќ

Пишува професор Мирослав Бошковиќ, долгогодишен  спортски работник во АК Вардар, пензиониран историчар кој ни ја донесува на дланка македонската и вардаровата атлетска историја. Во продолжение 3.дел, првиот може  да го најдете на нашиот сајт овде , a вториот на следнот Линк.

s

Голем придонес за развојот на маратонското трчање во Скопје и во Македонија во 80-те и 90-те години има познатиот атлетски работник Душко Ангеловски. Во почетокот на 70-те години од Инѓија се сели во својот роден град Скопје. Најнапред работи како тренер во АК “Работнички” , а подоцна, со група спортски ентузијасти во која беа Драган Новаковиќ, Џемо Заировиќ, Милевка Андоновска, Ана Ангеловска, Драгољуб Петровски, Божидар Новаковиќ, Славица Тимпаревска го формира АК “Maџари”. Во 1996 година, на иницијатива на Ангеловски, а во организација на АК “Маџари”, во Скопје се одржа атлетската трка “Божикен крос”, која со текот на времето прерасна во традиционална манифестација, на кија покрај многубројните македонски, настапуваа и значителен број странски учесници. Како голем вљубеник во маратонското трчање, речиси секоја година, Ангеловски ги водеше најпознатите маратонци од Македонија на маратоните во Србија и Бугарија. Меѓу најпознатите маратонци кон крајот на 90-те и почетокот на 2000-те години беа: Трпе Мартиновски, Мирко Анѓелковиќ и Благе Тасевски од Куманово, Зоран и Оливера Димови од Велес, Зоран Стојановски, Томислав Спасовски, Селмани Адем, Влатко Андоновски , Ивица Димишков, Данче Ангеловски, Миле Наковски, Љубомир Трајковски, Коце Никчевски, Славко Симоновски, Александар Чекоров, Јован Аксентиев, Борис Димитров, Стојанов Горан, Влатко Андоновски, Зоран Саздов, Перо Тодоровски, Дарко Клечкаровски, Реџеп Идризи, Ферат Азизи, Срѓан Миленковски, Дејан Димовски и др.

s5

Вљубеник во атлетиката и маратонското трчање, во 1997 година Душко Ангеловски беше иницијатор за одржување на Првиот меѓународен скопски маратон. На чело на Организациониот одбор на маратонот беше избран познатиот спортски и општествено-политички работник Михаил Пановски. Технички организатор на маратонот беше АК “Маџари”, а покровител градот Скопје со градоначалникот Ристо Пенов. Маратонот се одржа на 23 март 1997 година, по улиците на главниот град. Се трчаше големиот маратон од 42.195 км, во еден круг, и малиот маратон од 21.100 м. Како врховен судија, имав можност да ја проследам целата трка од стартот до целта. На стартот на трката на Градскиот плоштад, времето беше доста студено, а во некои периоди врнеше и силен снег. Со цел трката да биде достапна и на своите сограѓани, Душко Ангеловски ја трасираше патеката дури до населбата Маџари. Беше тоа вистински празник на атлетиката. На молба од организаторот, од МВР беше ангажиран специјален хелихоптер кој беше ставен на услуга на МТВ, како и другите телевизии и медиуми. Во текот на поголемиот дел од трката, се водеше рамноправна борба меѓу големите другари и пријатели од Југославија, Борислав Девиќ и Горан Раичевиќ. Борислав Девиќ, кој во 1995 година во Хјустон (САД), големиот маратон го истрча за 2:13,57., во вториот дел од трката, се издвои од останатите и со резултат 2:13,23 победи пред својот голем ривал Горан Раичевиќ, Југославија со 2:16,39 и Валериј Влас, Молдавија, со 2:17,32 . Од македонските претставници најуспешен беше Трпе Мартиновски, АК “Работнички”, освојувајќи го 6 место со време 2:25,56. На 11 место се пласираше маратонецот на АК “Струга”, Славчо Костески, со 2:32,25 , a Зоран Димов, АК “Борец”, Велес , беше 13 со време 2:36,23. За жал, рекордот на Трпе Мартиновски, како и останатите резултати не беа признаени, бидејќи по повторното мерење на должината патеката беше констатирано дека истата е пократка за 2 километри. Во полумаратонската трка, откако од самиот почеток се издвои од останатите маратонци, победата ја однесе претставникот на Бугарија, Иван Тотов, со време 1:05,23 , со предност од повеќе од три минути пред второпласираниот Александар Итрухин, Молдавија, со 1:08, 41 , а како третопласиран беше Вујадин Алемпиќ, Југославија со 1:11,20 . Од македонските претставници, на четвртото место се пласираше Реџеп Идризи, АК “Теута”, со време 1:17,30 , петопласиран беше маратонецот на АК “Струга”, Дарко Клечкаровски со 1:17,32, а деветото место го освои велешанецот Срѓан Милошевски со 1:22,43. Победникот во големиот маратон, Борислав Девиќ доби парична награда од 2.000 германски марки, додека првопласираниот во полумаратонот, Иван Тотов доби 1.000 германски марки. За љубителите на маратонското трчање е интересно што Скопскиот маратон може да се пропрати на Youtube “Prviot skopski marathon. ”

s2 s3

На 15 март 1978 година, е одржан Вториот скопски атлетски маратон, кој во исто време претставуваше и официјално Балканско првенство во маратон и прво првенство на маратон во Македонија. Во организацијата на маратонот учествуваа Атлетскиот сојуз на Македонија, Македонскиот олиписки комитет и АК “Маратон” , Скопје. Промотор на оваа атлетска манифестација беше Фрања Михалиќ, некогашен победник на големиот Бостонски маратон, и освојувач на сребрен медал на Олимписките игри во Мелбурн, 1956 година. За разлика од претходната година, кога маратонската трка се трчаше во еден круг, овој пат се трчаа два круга, од 41,1 км. Стартот и целта на маратонот се наоѓаа пред хотел “Континентал”, каде беа сместени шатори за прием на маратонците, како и медицинската служба, обезбедувањето, и останатите придружни служби. Во главната маратонска трка, во која учествуваа повеќе од 300 натпреварувачи, на патеката долга 42,2 километри, најбрз беше Полиас Никос, Грција , со време 2 часа и 17 минути. Второто место му припадна на Валериј Влас од Молдавија со време 2:18,34 . , додека трет беше Борислав Девиќ, од Југославија со време 2:19,5 7. Покрај претставниците од балканските земји, во маратонската трка учествуваа и маратонци од Полска, Чешка, Норвешка, Унгарија и Финска. Од македонските претставници најдобар пласман, 10 место, постигна Трпе Мартиновски, АК “Работнички”, кој имаше резултат од 2:40,56, пред Мирко Анѓелковиќ, АК “Куманово” со време 2:45,59 и Томислав Спасевски, АК “Скопје”, со време 2:51,33 . Покрај маратонската трка, беше одржана и трката во полумаратон, како и “Трката на задоволство”, на 3 км. Во полумаратонот (21.100 м.), првото место му припадна на Драго Мусиќ, Југославија, со време 1:10,56 , втор беше Миодраг Петриќ, Југославија, со 1;15,49 и Зоран Марковиќ, Југославија, со резултат 1;17,29. Најдобар македонски претставник беше Реџеп Идризи, АК “Теута”, Куманово, со 1:17,30 , втор беше Дарко Клечкароски, АК “Струга”, со време 1:17,32 а трет беше Срѓан Милишевски, Велес, со 1:22,43. Вкупниот награден фонд на маратонот изнесуваше 10.000 германски марки. По повод одржувањето на Скопскиот маратон, Претседателот на МОК, Васил Тупурковски, приреди свечен прием на кој присуствуваа претставниците од сите земји. Меѓу останатото, се водеа разговори за воспоставување и продлабочување на соработката на Скопскиот маратон со маратоните на земјите кои зедоа учество на маратонот. Според атлетските стручњаци и медиумите, учесниците на овој спортски настан имаа само зборови на пофалба за организацијата и вниманието кон гостите. Единствена мала забелешка имаше победникот на трката Никос Полиас, на кого не му се допадна калдрмата пред влезот на Градскиот плоштад, за која истакна дека може да предизвика повреда кај маратонците.

s4 s6

За жал, по одржувањето на оваа атлетска манифестација, Скопскиот маратон престана да се одржува, главно поради недостиг на финансиски средства. Подоцна, во 2006 година, група атлетски работници ја обновија оваа манифестација, најнапред со полумаратонската трка, а од 2007 година, е вклучена и маратонската трка од 42.195 метри, која во мај се одржаува по улиците на главниот град на Македонија, Скопје.