Friday ,22 November 2024
Последни:
Home > Uncategorized > Историја: ЕП, Балкански и југословенски првенства организирани од Македонската атлетска федерација (II.дел) пишува, проф.М.Бошковиќ
Историја: ЕП, Балкански и југословенски првенства организирани од Македонската атлетска федерација (II.дел) пишува, проф.М.Бошковиќ

Историја: ЕП, Балкански и југословенски првенства организирани од Македонската атлетска федерација (II.дел) пишува, проф.М.Бошковиќ

Пишува професор Мирослав Бошковиќ, долгогодишен  спортски работник во АК Вардар, пензиониран историчар кој ни ја донесува на дланка македонската и вардаровата атлетска историја. Во продолжение 2.дел, првиот може  да го најдете на нашиот сајт овде

На 5 и 6 септември 1970 година, во Скопје, по две години, повторно е одржано поединечното првенство на Југославија за постари младинци. Тоа е периодот кога сеуште се трчаше на старата патека од шљака, бидејќи новата тартан патека ќе биде завршена во 1972 година.

h2 h

На борилиштата на Градскиот стадион се појавија повеќе истакнати атлетичари како Габор Ленѓел, Убори Ласло, Моловиќ Зоран, Ашковиќ Томислав, Чадиковски Ѓорѓи, Хладен Марјан, Фахрудин Јахиќ и др.Во трката на 100 м. победи познатиот спринтер Габор Ленѓел, од АК “Спартак”, Суботица, со време 10,6 , а исто така беше прв и на 200 м. со 21,6 . Македонскиот спринтер Чадиковски Ѓорѓи, АК “Работнички”, во оваа трка беше трет со резултат 22,8 , со што обезбеди влез во јуниорската репрезентацијата на Југославија. На 400 м. исто така беше извонреден, и со време 51,0 го освои четвртото место. Убава трка се водеше на 3.000 м., во која Зоран Моловиќ, АК “21 мај”, Белград, победи со време 8:29,2 , пред Јовановиќ Богољуб, од АК “Партизан”, Крагујевац. На овој натпревар се одржа и трката 1.500 м. стипл, а победа извојува Витасовиќ Милан, АК “3 јануари”, Пула со време 4:21,3 пред Угрен Миле. На 110 со пречки прв беше Хладен Марјан, АК “Кладивар” Цеље, а атлетичарот од АК “Вардар”, Скопје, Јовчевски Раде, трката ја истрча за 18,0 , а на 400 со пречки, беше трет со време 59,8 . Фахрудин Јахиќ, од АК “Сарајево”, Сарајево, во скок во далечина, победи со 7,08 , а прв беше и во трискок со 14,02 . Во аваа дисциплина, третото место му припадна на Бранко Стојановски, АК “Вардар”, со 13,57 . Наскоро , Стојановски ќе влезе и во составот на репрезентацијата на Југославија со освоен бронзен медал на Балканските игри. Убав резултат имаше атлетичарот на АК “Вардар”, Перовиќ Драган во фрлање диск, кој ја фрли оваа справа на далечина од 34,03 . Спасовски Илија, од АК “Работнички”, во фрлање кладиво, го освои четвртото место со 42,69 . Наредната, 1971 г., во Нови Сад, Спасовски ќе стане шампио на Југославија во ова дисциплина.

h4 h5

На 20 и 21 мај 1978 година, во Скопје е одржано поединечното првенство на Југославија за постари младинци. АК “Вардар”, раководен од претседтелот на клубот проф. Тодор Пеливанов, беше организатор на овој значаен атлетски настан. Во тоа време, како секретар на клубот, прифатив многу подготвителни активности, кои му претходеа на самиот натпревар. Меѓу останатото, требаше да се известат и поканат сите атлетски клубови во Југославија. За таа цел, напишав повеќе од 200 пликови, со известувањето, кои потоа преку сервисната служба на СД “Вардар”, по пошта беа испратени до клубовите во Македонија и Југославија. Сето тоа го правевме со голем ентузијазам, и секојдневно се состанувавме на Градски стадион, за да се подготват сите борилишта за успешно одвивање на натпреварот. На овој настан настапија повеќе атлетичари, кои подоцна ќе бидат основата на југословенската сениорска репрезентација. Меѓу тие имиња беа Хумар Горан, Милинков Ненад, Станислав Розман, Здравковиќ Драган, Кршек Младен, Стевче Геориевски идр. На 100 м., со време од 10,4 , победија Хумар Горан, АК Горица и Милинков Ненад, АК Војводина, Нови Сад. Здравковиќ Драган,АК Морава, Ќуприја, победи на 1.500 м. со време 3:55,4 и на 3.000 м. со 8:23,2 . На 2.000 стипл-чез м., Младен Кршек, АК” Динамо”, Загреб, триумфираше со 6:02,6 . Голем успех постигна Рок Копитар , “Кладивар”, Цеље, со убедливата победа во дисциплината 400 м. со пречки, и извонреден резултат 52,4 . Од македонските претставници најдобар пласман имаа фрлачите Паковски Вено, АК” Вардар”, во фрлање диск со 40,76 м. и Маџаровски Никола, АК “Вардар”, во фрлање ѓуле со 12,33 м. Стевче Георгиевски, АК “Олимпија”, Битола, на 3.000 м. имаше време од 9:13,5 , a на 5.000 м. 16:05,2. Видмар Марјан, од АК “Вардар”, во скок во височина имаше резултат од 1,85 м., а идентичен резултат имаше и неговиот колега од АК “Работнички”, Величковски. Сулејман Насер, АК “Скопје” на 400 м. трката ја истрча за 51,8 . Наскоро, на Градскиот стадион ќе започнат градежните работи на реконструкцијата на јужната трибина, така што неколку години, се до 1985 година, не се одржуваа атлетскит натпревари.

h8 h9

На 4 март 1979 година, во Скопје се одржа државниот крос на Југославија. Кросот се одржа на Хиподромот во Маџари, во убави временски услови и бројна публика. Во категоријата помлади младинки, Елизабета Божиновска, АК “Работнички” на 1.000 метри го освои 3 место. Пласманот на Божиновска, беше најголемиот успех меѓу македонските атлетичари на овој крос. Во екипна кинкуренција, во оваа категорија, екипата на АК “Работнички” го освои петото место. Во конкуренцијата јуниори, Георгиевски Стевче, АК “Олимпија”, Битола, го освоил десетото место. На 8 км. за помлади сениори, победи Драган Здравковиќ, од АК “Морава”, Ќуприја. Во трката на 12 км., за сениори, победи Станко Лисец, АК “Кладивар”, Цеље. На 3000 метри, сениорки, најдобра беше Зора Томециќ, АК “Морава”, Ќуприја. Техничката организација на кросот му беше доделена на стручниот соработник на АСМ, Душко Ангеловски.

Ако се вратиме назад во историјата, можеме да констатираме дека сите поединечни првенства на Југославијаа, организирани во Македонија, се однесувале на машка конкуренција. За прв пат, на 23 и 24 јуни 1980 г. во Охрид, започнува периодот на натпревари во женска конкуренција. Тогаш се одржа поединечното првенство на Југославија за постари младинки. Во трката на 200 м.,Елизабета Божиновска, АК “Работнички”, беше втора со 25,0 зад Козма Марија, АК “Спартак”Суботица,24,9. Но во дисциплината 400 м., Божиновска АК “Работнички”убедливо ја победи својат конкурентка Козма, освојувајќи го првото место со убав резултат од 54,8 . Од македонските атлетичарки настапија и Гешовска Жанета,АК “3 ноември”, Прилеп, која на 800 метри имаше резултат од 2:24,5 , а на 400 м. 61,4 . Михајлова Марина, АК “Скопје”, тогаш на почетокот на атлетската кариера, во скок во височина имаше скок од 1,45 м. На 100 м. Милошевска Жаклина, АК “Скопје”, имаше време од 13,6 .

Поради градежните активности на Градскиот стадион во Скопје, веќе доделената организација од страна на АСЈ за организирање на поединечното првенство на Југославија за постари младинки, на 22 и 23 јуни 1984 г. беше одржано во Охрид. Голем придонес во оганизацијата на овој дводневен натпревар дадода вардаровите спортски работници Миле Пеповски, Симе Ѓоргиевски, тренерот и стручен соработник при АСМ Томислав Андоновски, Миро Бошковиќ, како и домаќините, предводени од Ристо Трајковски, атлетски работник и директор на СЦ Биљанини извори. На поединечното првенство на Југославија во Охрид, во 1984 година, во трката на 200 м. Каролона Наумска беше 3-пласирана со време 25,8. Тогаш настапи и на 400 метри, каде беше 8 со време 59,8. На овој натпревар висок пласман постигна и копјашката Петрушевска Лила, која го освои 3 место со далечина од 37,40 м. И наредната 1985 година, исто така како членка на Вардар, настапи на државното првенство на Југославија, овој пат во Постојна. Со резултат од 41,36, постави нов рекорд на Македонија за младинки до 19 години, а го освои извонредното 4 место. Успешната организација на првенството, медалите на Наумовска и Петрушевска и прекрасните впечатоци од Охрид, значеа гордост на секоја од нашите атлетски работници ангажирани во организацијата.

Во 1985 г., по изградбата на јужната трибина, патеката во Скопје конечно беше оспособена за одржување на натпревари од сојузен ранг. На 2.06.1985 година, се одржа финале на Купот на Југославија за постари младинки. Во тие години, стручен соработник на АСМ беше Томислав Андоновски. Претседател на Натпреварувачката комисија беше Мирослав Бошковиќ. Токму овие дваица беа максимално ангажирани во сите фази на подготовките. Неколку дена пред натпреварот, во Скопје дојде и делегатот на АСЈ, Озрен Карамата. Беше задоволство да се работи со овие двајца врвни стручњаци Андоновски и Карамата. Вистински познавачи на атлетиката и извонредни професионалци. Дваицата, подоцна, имаа успешна спортска и професионална кариера. За оние кои не го познаваат, Карамата е познат атлетски работник од Белград, член на техничкиот комитет при IAAF како и официјален статистичар на АФ на Србија. Пред извесно време прочитав дека промовирал и книга под наслов “Атлетиката во Југославија 1941 – 1945 г.”Во текот на целиот натпревар, инструкциите и подршката од овој извонреден човек, овозможија оваа манифестација да биде успешно организирана. Андоновски Томислав дипломираше на Филолошкиот факултет и Факултетот за физичка култура, По извесно време се вработува во Министерството за образование и физичка култура, а потоа во Агенцијата за млади и спорт, каде е раководител на одделот за спорт. Покрај многубројните обврски, со успех ја одбранил и својата докторска дисертација.

И наредната, 1986 година, на 22 .06 , Скопје беше домаќин на Финалето на Југославија за постари младинки. И оваа година, делегат на натпреварот беше од Белград. Тоа беше Божидар Томиќ, вистински атлетски фанатик. Целосно посветен на атлетскиот спорт, зрачеше од знаења, многубројните информации и невидената енергија. Како домаќини на Томиќ, повторно беа Андоновски и Бошковиќ. За разлика од претходните години, за прв пат специјално за овој натпревар, од Белград добивме електронско мерење и фотофиниш. Тоа значеше и нашата поинаква ангажираност на натпреварот. Добиените резултати во секоја дисциплина, ги преземав јас, а потоа со две групи ги обработувавме по пласман и во исто време вршевме бодување. Сето тоа, со помош на дактилографките од СОФК-а на Македонија, Станка и Софче, се куцаа на матрица. Потоа матрицата се праќаше во подтрибинскиот простор, каде со гештетнер се вршеше умножување. Иако сето тоа го правевме рачно, треба да нагласам, дека по неполни 7-8 минути по завршувањето на задната дисциплина, билтенот беше целосно завршен, а сите медиумите и атлетските екипи добија по еден примерок. Со тоа, и овој значаен атлетски настан заврши со пофалби од гостите и учесниците.

Во 1990 година, во Куманово е одржан XIX југословенски крос на “Борба”. Треба да се истакне дека овој натпревар за прв пат се одржа надвор од границите на Србија. Домаќинот АК “Куманово” и градот Куманово вложија многу напори да се одржи овој голем атлетски настан. Патеката беше беспрекорно обележена и оспособена да прифати 10.000 учесници. Во главната дисциплина, одн сениорската трка победи атлетичарот на АК “Електростопанство”, Рифат Зилкиќ, денес тренер на познатиот атлетски ас Елзан Бибиќ. Олга Ациќ, големото име на југословенската и српската атлетика, како делегат на овој натпревар, ги вложи сите свои сили и љубовта, успешно да заврши оваа манифестација. Соработувајќи со неа, забележав дека покрај останатите активности, за цело време, како официјален атлетски статистичар ги броеше ливчињата кои беа достасувани на записничката маса по секоја трка. И, навистина, не и беше лесно, бидејќи успеа да изброи вкупно околу 10.000 ливчиња. И покрај тоа што веќе го прослави 90-иот роденден, таа е сеуште активна и помага колку што е тоа во нејзините можности.

h10