Пишува, проф.Мирослав Бошковиќ, пензиониран професор по историја и современик на АК Вардар, човек кој во целиот свој работен век бил дел од црвено-црниот атлетски тим. Тој своите пензионерски денови ги намени за пишуваше да историјата на нашиот вардаров тим.
Во мојот осврт на историјата на АК “Вардар”, периодот од 1950-1960 година, го прескокнував сѐ доега, поради тоа што имав многу малку информации кои се неопходни да се напише одредена статија. Големи тешкотии се секако и годините кои поминале, а особено што настана биолошката промена на генерациите, па така немаме сведоци за овој период. Штета е што со оваа проблематика не сме почнале да се занимаваме неколку деецении порано. Имињата на атлетичарите и атлетичарките, освен Лазо Милошевски и Мемо Сулејманов, се речиси за нас, но дел од нив дале голем придонес во афирмацијата на клубот, како во републиката, така и во сојузната конкуренција. Реорганизацијата во областа на физчката култура во 1951 година со која се изменил и системот на финансирањето, нарочно се одразило на атлетиката. Работните места на професионалните атлетски тренери биле укинати, а финансирањето се префрлило на комуните, односно да спортските организации функционирањето го обезбедуваат од сопствен приход. Пролетта 1952 година, клубот масовно настапува на републичкото крос првенство. Со нетрпение се очекуваат настапи на атлетската патека.
Во тој период, АК “Вардар” се вклучува во рамноправна конкуренција со градскиот ривал АК “Работнички”. Клубот работи во мошне тешки услови за работа. Соблекувалната која се наоѓала под северната трибина на стадионот, не можела да ги задоволи потребите на сѐ поголем број атлетичари во клубот. Да не зборуваме за вода за миење, реквизити, опрема и финансиски средства. Но, благодарејќи на управата на клубот, во соработка со атлетичарите, овие проблеми полека се решавале. Од ден во ден, редовите на клубот сѐ повеќе се омасовувале со нови членови. Тоа се талентирани младинци и младинки кои произлегле врз основа на нивните постигања на училишните спортски натпревари и оние кои пројавиле желба да се занимаваат со атлетскиот спорт. Благодарејќи на редовните тренинзи и стручната работа, со големиот ентузијазам на атлетичарите и членовите на управата, во оваа деценија, голем број членови на клубот постигнуваат забележителни резултати, како на републичките, така и на сојузните натпревари, а со Лазо Милошевски, и на меѓународен план. Во 1952 година започнува да се одржува екипното првенство на Македонија за сениори, кое создало силна конкуренција меѓу Вардар и Работнички. Подоцна, во 1955 и 1956 година, се вклучува и извонредната екипа на АК “Борец”, од Велес, во чии редови настапувале и голем број воени лица. Успесите на Лазо Милошевски продолжуваат и во 50-те години.
Во 1950 година, по настапите во Скопје, станува рекордер на Македонија на 100 метри со 11,1 и на 200 метри со резултат 22,4. На првенството на Југославија кое се одржало во 1950 година во Загреб, Лазо Милошевски настапил во својата најомилена дисциплина, 400 метри. Во оваа трка освоил златен медал и поставил нов македонски рекорд од 50,2 сек.
Кратко време Лазо Милошевски настапувал како член на „Црвена Звезда“ од Белград . Тогаш станал југословенски првак на 200 метри, а на 400 метри го освоил второто место. Во 1953 година, уште еднаш го подобрува рекордот на 100 метри со 11,1 сек. Наскоро, истата година, на Градскиот стадион во Скопје, се одржала спектакуларна трка на 400 метри меѓу Лазо Милошевски, Вардар и Чедо Шаревски, Работнички
До самиот крај не се знаел победникот, за да во самото влегувње во целта, победата ја извојува Шаревски. Во 1954 година во Брисел, Лазо Милошевски бил првиот македонски спортист – учесник на едно Европско првенство. Тогаш на 400 метри успел да ја мине првата квалификација. Во финалната трка 4×400 метри завршил на 5-то место. Наскоро, истата година го поставил македонскиот рекорд на 400 метри со резултат од 49,6 секунди. Подоцна на македонската атлетска сцена се појавува уште еден голем атлетичар во дисциплината 400 метри, Милош Буцевски, кој 12 години подоцна успел да го собори овој рекорд. Покрај спотрските резултати на атлетската патека, Лазо Милошевски бил и уредник на Спортската редакција на Радио Скопје. Со својот магнетофон регистрирал многу спортски настани, а низ етерот постојано струел неговиот глас. Како новинар, информирал од најголемите спортски настани, како и од Олимпијадите. Иако неговото здравје било сериозно нарушено, тој не отстапувал од својот новинарски пат и постојано чекорел напред. Последна негова олимпијада бил Рим – 1960 година. Токму тогаш, на овој собир, дошол до израз неговиот врвен новинарски квалитет, зошто според слушателите на Радио Скопје, подготвил репортажи и разговори кои и до денеска не се надминати. Во 1963 починал во Белград. За љубителите на атлетиката и неговите другари, Мемо Сулејманов ќе остане запаметен како атлетичар кој настапуваше во трките на долги патеки.
Во втората половина на 40-те и почетокот на педесетите години од минатиот век, беше македонски рекордер во повеќе дисциплини на долги патеки.Иако не го познаваат голем број спортисти, особено помладите генерации, Сулејманов Мемо е секако основоположник на маратонското трчање во Македонија. Голем успех постигнал со освојувањето на II место на Државното поединечно првенство на Југославуја во маратон со време од 2.47 мин., одржано на 23-24.VIII. 1946 година. Пласманот во оваа трка недвосмислено потврдува за квалитетите на овој атлетичар не само во рамките на Македонија, туку и во тогашните југословенски простори. Во крајот на 40-те и почетокот на 50-те години, Сулејманов немал соодветна конкуренција на просторите на Македонија на средни и долги патеки. Уште во 1949 година, како член на Работнички, поставил два рекорда, на 5.000 метри со време 16:14,2 и 10.000 метри со време 35:42,8. Во 1951 година ги соборил рекордите на 2.000 метри со 6:04,0 и 3.000 метри, прво со 9:32,0 a потоа рекордот го подобрил за 11 секунди, 9:21,0. Наредната година, на 1.000 метри имал време од 2:42,0 . Покрај настапите на атлетската патека, Сулејманов имал успеси и победи и на многубројните кросеви и уличните трки, во Македонија и на просторите на Југославија. . Неговата кариера како активен спортист траеше мошне долго, а подоцна, своите знаења и богатото искуство го пренесуваше на младите атлетичари на АК “Вардар”.Во почетокот на 50-те години, кросевите биле особено привлечни и масовни за атлетичарите на скопските клубови.
Во 1950 година, АК “Вардар” имал мошне квалитетна јуниорска екипа во крос трките. По успесите на домашната атлетска сцена, јуниорите на Вардар, на кросот во Белград, постигнале извонреден успех со освојувањето на второто место, зад АК “Спартак”, Суботица. Во соcтавот на екипата настапиле Бедрос Армаганиан, кој го освоил второто место, потоа Спасовски (20) и Анастасов (29). Со тоа, на југословенските простори, атлетичарот Армаганиан, влегол во самиот врв на југословенската атлетика во крос трките. Наредната година, на 1.000 метри, поставил македонски рекорд со резултат 2:44,5 . Пред неколку децении, познатиот атлетски работник Џоџа Грековски, често раскажуваше за раскошниот талент на атлетичарот од ерменско потекло, Армаганиан, кој не знаеше за пораз на домашната сцена. Покрај јуниорите, голем успех на кросот во Белград, постигнале и јуниорките на Вардар. Во трката на 1.000 метри, екипата на АК “Вардар” го освоил првото место во екипна конкуренција, пред Енотност (Љубљана) и Загреб. Во победничката екипа настапиле следните атлетичарки: Костова Благица (7), Гасиева Елица (10), Ѓоргева (21) и Колар (31). Може да се каже дека оваа победа е еден од највеличествените успеси во историјата на АК “Вардар”. Наредната, 1951 година, на државниот крос во Загреб, во конкуренцијата јуниорки на 800 метри, Костева Благица од АК “Вардар”, го освоила одличното пето место.Со започнувањето на натпреварувачката сезона во 1951 година, силен подем доживува дисциплината фрлање кладиво. Фрлачот Димитров Стеван го фрлил кладивото на должина од 33,42 м. и се нашол во врвот на македонската атлетика. Најдобрите атлетичари на Вардар редовно настапувале и на првенствата на Југославија. Во 1953 година, Анастасов Илија, во трката на 3.000 метри за јуниори, го освоил солидното шесто место со време 9:52,3. Во 1955 година, на државниот крос за помлади јуниори, во Осиек, екипата на Вардар го освоила извонредното второто место, веднаш зад АК “Вараждин”, а најдобар пласман имал Сарачевски Васил, на шестото место. Покрај фрлачот Димитров Стеван, се јавува уште еден фрлач во дисциплината фрлање кладиво. Во1955 година, Божариќ Данило, кладивото го фрлил на далечина од 38,30 м.Освен спомнатите натпревари, мошне омилени биле и уличните трки по повод Денот на ослободувањето на Скопје, 13 ноември. Првите трки биле штафетни, а потоа се организирале и трки во поединечна конкуренција.