Кошаркарскиот клуб Вардар стандардно секоја среда ни презенира еден член од нивното големо црвено-црно кошаркарско семејство. Денес тоа е Бранкица Перчинковска, таа е една од ретките жени кои се занимаваат со професијата физиотерапевт во машка екипа.
Кога одлучи да се занимаваш со оваа професија и зошто ја избра токму кошарката, а не некој друг спорт?
Средното образование го завршив во ДСМУ “Д-р Панче Караѓозов” смер медицинска сестра, со што кога дојде време за да го продолжам образованието на факултет решив дека добро би било во иднина да имам две професии при што се решив да се запишам на Медицинскиот факултет на смерот за физиотерапевти.Во кошарката влегов случајно меѓутоа останав намерно,со оглед на тоа што бев дел и од ракометот, боречките спортови, фудбалот…сфатив дека кошарката е дефинитивно средина во која се пронаоѓам.
Неколку години си дел од семејството на Вардар, како физиотерапевт. Дали својата иднина ја гледаш тука?
Во Вардар сум веќе 6 години ,самото тоа што сум долг период во клубот укажува дека сум задоволна од третманот на клубот кон мене и се додека е тоа така ќе бидам дел од “црвено-црното” семејство.
Што би те натерало да си заминеш од Вардар?
Засега немам такви планови ,но никогаш не се знае. Кога би заминала тоа би било најверојатно поради ангажман во странство.
Жени-физиотерапевти во машките клубови ’се бројат на прсти’. Наиде ли на некакви пречки кога првпат започна да се впушташ во овие води?
Во нашата земја сеуште е чудно машка екипа да има жена физиотерапевт, што не е случај во странство. Можеби на почетокот требаше малку повеќе од потребното да се докажувам за да ги урнам тие стереотипи.
Дали досега си се соочила со некаква непријатна ситуација?
Секогаш сум била дел од тимови кои што се професионални и секогаш сум била максимално почитувана од играчите ,стручниот штаб како и од управата ,така што до сега сум немала некое лошо искуство ,се надевам дека така ќе биде и во иднина.
Бидејќи работиш и со машкиот и со женскиот состав на Вардар, кои се разликите со кои се соочуваш на работното место?
Од моето досегашно искуство се покажало дека машките се малку полесни за соработка, додека со девојките треба малку повеќе да се внимава …xexexe
Неиозставен дел си и од националните репрезентации, како е да се соработува со еден национален состав?
Долги години сум дел од националниот состав на младинските и сениорските селекции и секогаш ми претставувало чест и задоволство да бидам дел од стручниот штаб на било која селекција.
Неколку совети кои би му ги дала на кој било спортист во врска со превенција на повреди?
Пред се спортски начин на живот ,неопходната подготовка за тренинг, соодветна опрема и обувки , добар стречинг и добро загревање, да се внимава на претренираност и секогаш да се слушаат советите од СТРУЧНИТЕ ЛИЦА.