Пред два дена започнаа летните подготовки на црвено-црниот женски кошаркарски колектив, Жаклина Стојановска ги собра вардарки. Како започнаа подготовките, ни открива капитенот на тимот, крилниот играч Симона Деловска.
Млада кошаркарка со лидерски капацитет, тимски играч кој го краси голема кошаркарска интелигенција и вештина. Деловска, ќе ни открие како започнаа активностите по долгата пауза.
Полека почнаа подготовките на ЖКК Вардар, иако целосниот состав би се собрал некаде околу средината на август. Околу протоколите и моменталната состојба – за секој спорт ситуацијата е доста отежнета, па како за сите, така и за нас…Меѓутоа мора да се придржуваме до мерките кои ни се наложени и да најдеме најдобар начин да работиме во согласност со истите, бидејќи пред се најбитно е да го зачуваме здравјето, како нашето така и општо на сите околу нас, целата заедница.
Капитенот можеби е најмеродавен да ги соопшти видувањата, амбициите и очекувањата за новата сезона. Пред нас е голем предизвик, повторно освојување на врвот.
За очекувањата за претстојната сезона се уште е прерано да кажам, зошто се уште не е се познато, но ние нашиот дел, како екипа – ќе си го одработиме, ќе се спремаме, тренираме напорно и ќе дадеме се од себе. Се надевам дека тоа ќе биде тоа што е потребно за успех, врвот е секогаш тагнет на Вардар.
ЖКК Вардар мисли и на својата иднина, создаде млади женски колективи кои се натпреваруваа во соодветните лиги. Веќе се најавени меѓународни предизвици, дел од „свежата крв“ ќе добие прилика да дебитира и за првиот тим, со што ќе се исполни првичната цел-создавање нова генерација кошаркарки.
Подмладување на екипата би требало да донесе свежина и нови сили во ЖКК Вардар. Новите млади играчи, ќе дадеме се од себе лесно да се прилагодат на средината, да се чувствуваат убаво и да изградат безусловна доверба во самиот тим – како што ние малку поискусните имаме.
Со тоа мислам дека самата екипа би функционирала полесно, би се мотивирале сите меѓусебно и би си помогнале едни на други да се развиваме како играчи и личности. Стремиме кон тоа хемијата на екипата, секоја година да се надополнува и да се надоградува, за да има поубава игра на теренот, но и дружба надвор од него- завршува капитенот Деловска.