Зад нас е првата етапа, односно есенскиот дел во Македонската кугларска лига, се одиграа пет коло односно црвено-црните одиграа по еден дуел со секој противник. Сезоната продолжува во втората половина на јануари со шесттото коло во лигата. Вардар по крајот на есенскиот дел заврши како второпласиран со еден пораз и четири победи зад шампионот КК Макпетрол.
По крајот на есенскиот дел Кугларската федерација на Македонија излезе со листа на т.н поедниечни просеци на играчите во лигата, поточно на најуспешните 26 натпреварувачи. Во листата се внесени сите играчи кои одиграле од три до пет меча, невнесувајќи ги резултатите од Битола бидејќи таа куглана поради конституцијата не дава вистински резултати за било кој играч во лигата. Местата “еден-два“ повеќе од очекувано се за двајца вардарци, ударното дуо Димитровски-Влаќевски. Тие покажаа дека се најдобриот двоец не само во тимот предводен од Драги Димитровски туку апсолутни владетели се во целата МКЛ. Импресивно е што само они двајца имаат просек “над 600 соборени дрва“ од сите играчи во Македонија. Првото место е за “дијамантот“ на Вардар, најконстантниот играч во лигата, квалитетот кој не се создава туку раѓа, Димитар Димитровски кој има просек од неверојатни 612 “дрва“. Кугларскиот Моцарт , момчето кое е посебна атракција да се гледа како со леснотија “диригира“ со оваа игра Бојан Влаќевски е веднаш зад Димитар со исто така феноменални 609.33 “соборени дрва“. Покрај нив на листата на позициите 12 и 13 се наоѓаат и Младен Донковски со скор од 555 и Миле Димовски со 553,5. Оваа листа беше само потврда со кое богатство располага Вардар на позициите “еден-два“ во тимот.