Претстојниов викенд продолжуваат натпреварите за младинските екипи на ракометниот клуб Вардар. За нив ова ќе биде последно коло во есенскиот дел од сезоната.
Пионерите на РК Вардар во рамките на осмото коло, кое е последно од есенскиот дел ќе гостуваат во Гостивар , на екипата на ГРК Гостивар. Мечот ќе се одигра утре со почеток од 14 часот. До пред ова коло Вардарци се наоѓаат на третото место на табелата, со скор од пет победи, еден нерешен резултат и еден пораз.
Младинците на РК Вардар ќе гостуваат во Автокоманда на екипата на Металург 2 која е лидер на табелата во групата 1 од младинската лига. По шест одиграни кола, избраниците на Чивлачки се наоѓаат на петтото место на табелата и имаат две победи, еден нерешен резултат и три порази. Дуелот се игра во недела од 13 часот.
Втората младинска екипа на Вардар Јуниор под водство на Пепи Манасков во последното есенско коло гостува екипата на РК Пролет 62. Натпреварот ќе се одигра во недела со почеток од 13 часот. Црвено-црните засега имаат две победи и четири порази.
Кадетско дерби и во машка конкуренција, помеѓу двете водечки екипи на Вардар и Металург. Двете екипи се непоразени после четири одиграни кола и победникот од овој меч ќе биде есенски шампион. Овој дуел е закажан за недела од 11 часот
Натпревар во рамките на 5-тото коло од пионерската лига од групата 2 ќе играат и ракометарките на Вардар. Тие гостуваат на екипата на Лихнид. Црвено-црните имаат максимален број на освоени бодови до одигрување на ова коло. Мечот со Лихнид е закажан во недела од 13часот.