Неделава повторно на програмата се мечеви од македонската кугларска лига во сениорска и јуниорска конкуренција. Во ова второ пролетно коло, кое е седмо коло сезонава во МКЛ црвено-црните се домаќини на двата состава на КК ГТЦ Мусандра.
Во сабота во кугларницата “Мусандра“ која се наоѓа во Градскиот трговски центар Скопје ние условно сме “домаќини“ на скопскиот ривал. Први ќе стартуваат вардаровите јуниори, а по нив ќе се сретнат сениорските состави. Овој меч е дерби за втората позиција во МКЛ. Двата тима по одиграни шест кола имаат четири победи односно имаат по осум освоени бода. Дватата кугларски колектива ќе атакуваат на триумф со цел да се зацврстат на втората, вицешампионска позиција. Вардар по заминувањето на Влаќевски, цели на задржување на 2.место кое го браниме од ланската сезона кога завршивме втори во купот и првенстввото зад шампионот на земјава КК Макпетрол Скопје. Мечот се игра на 28/01/2017, сабота со почеток во 10-00 часот. Во првиот круг се сретнавме како гости со истата екипа тогаш во еден интересен меч однесовме триумф со минимални во овој спорт 5-3. Вардарци тогаш имаа 3407 “соборени дрва“, а пак домаќините останаа на 3269 “дрва“. Победивме со 9-15 во сетови. Влаќевски и Димитровски беа над “600“, сепак одлична поддршка имаа тогаш од Миле Димковски, Младен Донковски и човекот кој имаше значаен удел во победата Дарко Димитровски кој со своите 551 во клучните моменти донесе триумф. По ова коло повторно сме домаќини овојпат на битолскиот состав КК Хераклеа.