Ракометниот клуб Вардар во првата сезона откако клубот го превзема господинот Сергеј Самсоненко успеа да направи подвиг и во осминафиналето од лигата на шампионите да го елиминира тогашниот актуелен европски шампион, екипата на Хамбург. На првиот натпревар одигран во С.Ц.Борис Трајковски одигравме со нерешен резултат (28:28). Кога се очекуваше дека бундеслигашот лесно ќе помине на свој терен, следеше голем демант на црвено-црните кои успеаа да слават во сред Хамбург (29:30) и да се пласираат во најдобрите осум екипи во најголемото ракометно натпреварување. Таа сезона бевме и најблиску до пласман на завршниот турнир во Келн, откако само за еден гол бевме елиминирани од екипата на Фленсбург, која во истата сезона ја освои европската титула.
После големата победа во Хамбург и елиминацијата на европскиот шампион, нашите ракометари имаа незаборавен пречек, кој започна од Аеродромот “Александар Велики“ а продолжи во тврдината Кале. Да се потсетиме на овие моменти кои засекогаш ќе останат во срцата на Вардаровите навивачи.